Парламентот со 63 гласа „за“ и двајца „против“  ги изгласа измените на Законот за лустрација, во прво читање.

Со измените се предвидува да се зголеми временскиот опфат, т.е. законот да важи од август 1944 година сè до траењето на Законот. Ќе биде зголемен и опфатот на лица што ќе бидат лустрирани зашто ќе важи и за уредниците и новинарите во медиумите, членовите на МАНУ, медијаторите, адвокатите, лицата од високообразовните институции и од политички и верски организации.

Со измените се уредува и основањето и надлежноста на Комисијата за верификација на факти како и постапката на лустрирањето пред Комисијата и судот за утврдување несоработка со органите на државната безбедност и правните последици од таквата соработка.

До Комисијата за лустрација ќе се доставуваат само оригинални документи. Комисијата ќе води регистар кој по лустрацијата ќе го достави до Државниот архив на РМ за да има податоци доколку некое лице во иднина биде избрано за носител на јавна функција.

OhridNews
извор: Makfaks