– Вака како што се поставени работите, граѓаните ќе наидат само на тешки и нерешливи проблеми. Знаеме дека во Охрид ретко која зграда е комплетно населена, претежно тоа се луѓе од Скопје, Белград…. од страна луѓе, а некој едноставно 20 години не се појавени, не можеме да ги најдеме. Има проблеми околу наплатата, околу организирањето на Куќните совети…-вели Илија Магденоски, жител на зградата 101 на бул. „Туристичка“.
Тој укажува дека граѓаните воопшто не се консултирани при донесувањето на овој закон. Смета дека тој треба да падне и да претрпи големи измени. Магденоски пред 4 години поднел предлог до охридската локална самоуправа за нова организација на Куќните совети, кои според него не треба да се бришат во новиот Закон за домување.
– Мислам дека треба да остане Куќниот совет онака како што беше. И предложив на локалната самоуправа да иницира закон со кој би се вработиле можеби до 10 000 луѓе. Имаме многу објекти во државата и ако не на секој, барем на по три објекти едно лице да се вработи, а тоа да оди организирано преку Куќниот совет и Агенцијата за вработување. Тие лица би обезбедиле егзистенција, а станарите тоа нема да ги чини повеќе од 50-100 денари месечно, што за нив е прифатливо, за разлика од предложениот Закон за домување кој дебело ќе не чини. Друг проблем е тоа што организациски нема да можат да се постават работите затоа што ги нема луѓето кои имаат станови во колективните згради во Охрид.-додава Магденоски.
На мака се и викендашите. Нивните згради во зима зјаат празни, а во лето кога најчесто доаѓаат сопствениците на становите, куќните совети не можат да ги наплатат ниту основните средства за тековно одржување.
– Многу е тешко да се наплати од станарите дури и минимални средства за одржување што изнесуваат не повеќе од 500 денари годишно за да се одржи лифтот и да се плати струја за осветлување. Тоа се единствени трошоци кои што успеваме моментално да ги собереме благодарение на ангажманот на двајца тројца во зградата, но тоа не обезбедува средства ниту за чистење, а камо ли за некаков резервен фонд или поправка на покрив и слично.-вели актерот Петар Арсовски, жител на таканаречените скопски згради во населбата Далјан.
Арсовски смета дека најдобро би било Владата да ја одложи примената на Законот за домување затоа што граѓаните воопшто не се запознаени со обврските кои произлегуваат од него, освен тоа дека за непридржување кон истиот следи казна од 300 евра.
– Единствено со што се мафта и за што се говори наоколу е таа голема казна од 300 евра по станар, ништо друго не знаат луѓето: како треба да се организраат, како се ангажираат фирми за одржување на становите, од каде ќе се најдат пари за тоа, кои се луѓето што треба да им помогнат? Ваков еден обемен закон, кој е запоставен, треба да се донесе, но најпрвин треба да се спроведе кампања од најмалку една година, со флаери, емисии на телевизија, за да можат луѓето да го разберат тој закон, инаку вака нема шанси тој да заживее. Може да се спроведуваат казни, но кој ќе ги плаќа тие казни, луѓето се револтирани затоа што во ова време и во оваа голема сиромаштија да се мафта со казна од 300 евра е навистина непримерно.-додава Арсовски.
Иако Законот за домување во сила стапува за помалку од три недели, ретко која од колективните станбени згради во Охрид има регистрирано заедница на станари, или пак ангажирала фирма за одржување на зградата. Слична е состојбата и во другите општини, но и покрај забелешките на граѓаните, државата најави дека нема намера да го пролонгира датумот за импементацијата на Законот за домување.