„Седам на балконот дома околу 4,30ч. изнервиран максимално и се прашувам себеси има ли лек против овие несовесни моторџии кои секое утро лудувајќи на своите „машини“ без трошка совест ги потресуваат луѓето а особено децата. Може ли на ова да се стави крај , па зарем не постои закон за лимитрирана бучавост, зарем не постојат интервенции по овај основ од страна на полицијата. Станува збор за несакани активности кои се гледаат секојдневно а се слушаат најповеќе кога секој нормален се труди да фати сон. Мислам дека нешто итно мора да се превземе бидејки сериозно влијае и на граѓаните на Охрид и на туристите кои секојдневно нервно попуштаат од звуците на моторите и другата бучава“
Ова е секојдневието на нашиот сограѓанин Марино кој се обрати на контакт адресата на ohridnews во врска со сериозниот проблем со бучавоста во Охрид. На овој проблем од поодамна укажуваат повеќе граѓани а најгласни се тие од МЗ Стар Град.
најгласни против бучавата-жителите од Стар град
Барајќи одговор се обративме во општинскиот инспекторат кој според новиот закон за бучавост, што неодамна доби зелено светло во Парламентот, треба да врши контрола на бучавоста во Охрид. Оттаму велат дека проблемот со моторџиите и воопшто со возилата кои прават бучава поголема од дозволената е комплексен бидејќи Законот има недоречености поради што е потребно најитно да се изработат правилници кои прецизно ќе го утврдат начинот на санкционирање на овој тип прекршители на законот.
Општинскиот инспекторат за екологија во соработка со МВР и овластена агенција за мерење на бучавост деновиве во Охрид спроведе контрола на угостителските објекти при што било утврдено дека тие прават бучава поголема од законски дозволената.
„Ниту еден од триесетината угостителски објекти во Охрид и Пештани кај кои извршивме контрола не ја почитува законската граница од 40 децибели“, ни изјави Танас Танаскоски-раководител на општинскиот инспекторат.
За неколкку дена ќе ги добиеме официјалните резултати од мерењата по што против прекршителите ќе бидат преземени соодветни мерки најавува Танаскоски.
Недисциолираните кафанџии можат да заработат парична казна и до 10.000 евра, како и затворање на објектите, вели Танаскоски.
Угостителите се револтирани од начинот на кој надлжните органи ги спровеле мерењата во кои не биле вклучени претставници на угостителскиот еснаф . Тие тврдат дека мерењата на јачината на зукот се вршат во самите угостителски објекти што според нив е погрешно.
„Јачината на звук не треба да се мери во самиот објект каде што се носачите на звук туку треба да се мери надвор од објектите“, вели Димитри Пендов, претседател на угостителскиот еснаф во Охрид.
Не бараме да се претерува и да се толерира гласна музика, но не можеме да бидеме санкционирани со некои недоречени закони во кои не се знае колкава треба да биде јачината на звукот и на кое место, вели Пендов.
Угостителите најавија дека ќе побараат итна средба со инспекторатот и полицијата за да се надминат недоразбирањата со цел како што велат да бидат санкционирани вистинските прекршители кои според нив го валкаат угледот на еснафот и ги иритираат граѓаните и туристите.
Г. Момироски