И покрај забраната за градба во летната туристичка сезона, градежните компании си тераат по старо. Наместо да ги затворат и заштитат градилиштата тие ја интензивираат градбата. Некои изведуваат поситни, некои покрупни зафати, а неретко тоа се прави и во строгиот центар, што остава лош впечаток кај туристите, реагитраат охриѓани.

Со одлука на Советот на општината донесена уште на 20.03.2007.година (објавена во СЛ. Гласник бр.3/07) која е насловена како ОДЛУКА ЗА ЗАБРАНА ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ, децидно е наведено дека се забранува изведување градежни работи на подрачјето на општина Охрид на просторот под „Туристичка“ од Билјанини извори до Далјан и на просторот над „Туристичка“ во длабочина од 50 метри, како и во туристичките локалитети од каналот Студенчишта до Свети Наум. Оваа забрана важи од 1 јули до 31 август.

Одлуката по автоматизам се применува и минатата и оваа година (бидејки не е донесена друга одлука со која спомнатата би престанала да важи), а согласно законските прописи и статутарните одредби на Општината, задолжен за контрола на тоа дали таа се спроведува ,односно почитува забраната – е општинскиот инспекторат, поточно комуналниот инспектор, ни изјави портпаролот на општината, Никола Манески.

Тој потврдува  дека во овие недела дена откако важи забраната има бројни прекршувања на кои, како што рече, граѓаните укажуваат со право. „Заради елиминирање на ваквата состојба во која се нема  доследно почитување на одуката, реално е да се очекува Советот на општината, кој донесува одлуки, веќе на наредната седница  да побара одговорност за неспроведување на неговите одлуки“, вели Манески.

Ohridnews