Четирите апелациони судови во Република Северна Македонија донесоа заклучок дека онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови при одлучување во постапки за навреда и клевета, мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми.

Во заклучокот, четирите аплеациони судови констатираат дека има одговорност за навреда и клевета на главниот и одговорен уредник на издавачите на електронските публикации и воопшто сите останати видови електронски медиуми за содржини објавени во истите.

Ова значи дека во иднина сите граѓански судови во државата, вклучувајќи го и Основниот суд во Скопје ќе мора да ги почитуваат деловите од овој закон со кои се штитат правата на новинарите и уредниците но и на самите медиуми како што се на пример: исклучување на одговорност од клевета и навреда, изнесување на факти кои се однесуваат на јавен интерес со повикување на сериозни извори на сознанија за нивната вистинитост, ублажување на штета преку барање за извинување и јавно повлекување, право на демант и одговор, немање на одговорност ако новинарот постапувал со внимание во согласност со етичките стандарди во согласност професионалните стандарди на новинарската професија итн.

Со оваа измена, се штити и јавноста од непрофесионално новинарство, а истовремено сите граѓански судови се обврзани да ги штитат и онлајн медиумите кои работат во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите.

Заклучок е во согласност со праската на Европскиот суд за човекови права, а индиректно треба да помогне за да спласнат обидите на политичките партии да иницираат дополнителна регулација на онлајн медиумите со што може да се ограничи слободата на изразување.

Оваа активност е резултат на претходните напори на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ, да ги убеди претседателите на граѓанските и апелационите судови но и на Врховниот суд дека праксата за овие прашања мора да биде синхронизирана на граѓанскиот суд во Скопје со останатите граѓански судови во државата, а во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права,  со цел заштита на новинарите и медиумските работници.

OhridNews