Раководителот на папските литургиски славење Гвидо Марини во вторникот точно во 17.35 часот по македонско време извикна „Extra omnes“ (Сите надвор) и ја затвори портата на Сикстинската капела, во која останаа заклучени 115 кардинали електори кои пред фреската „Последниот суд“ на Микеланџело ќе го одржат првиот круг од гласањето за изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква.

Кко што пренесува „Макфакс“, кардиналите до Сикстинската капела пристигнаа во традиционалната свечена процесија којашто започна од Капелата на свети Павле. Пред да биде затворена портата, кардиналите го слушнаа повикот за избор на новиот папа од малтешкиот кардинал 87-годишниот Просперо Гречо, и потоа уште една поединечно го положија заветот за молчење држејќи ја раката врз отвореното Евангелие.

Кардиналите коишто може да избираат во вторникот попладне ќе гласаат само еднаш, а пред тоа меѓусебно со ждреб ќе изберат деветмина кои ќе учествуваат во делењето на ливчињата, нивното броење и проверка.

Чадот од оџакот поставен на Сикстинската капела може да се очекува околу 19 часот и речиси сигурно ќе биде црн, односно ќе значи дека сé уште не е избран новиот папа, имајќи предвид дека во модерната историја папата не е избран во првиот круг од гласањето

Кардиналите ќе го продолжат гласањето во среда претпладне (во вториот и третиот круг, и доколку биде потребно, а според познавачите на приликите во Ватикан реално е да се очекува, уште две гласања во среда попладне, односно четвртиот и петтиот круг од гласањето. Доколку новиот папа не биде избран до тогаш, гласањето ќе продолжи во четврток според истиот распоред, двапати наутро и двапати попладне.

Во XX век се одржани осум конклaви, а само во три случаи траеле подолго од три дена. Најкуси биле конклавите во 1939 година кога Еуџенио Пацели (папата Пие Дванаесетти) бил избран веќе во третиот круг од гласањето. Албино Лучиано или Јован Павле Први и Јозеф Ратцингер – Бенедикт Шеснаесетти беа избрани во четвртиот круг од гласањето. На третиот ден од конклавите се избрани Џовани Батиста Монтини (Павле Шести) во шестиот круг а Карол Војтила или Јован Павле Втори во осмиот круг од гласањето.

За изборот на новиот папа потребна е двотретинска поддршка, односно во овој случај гласовите од 77 кардинали електори.

Шеесетина кардинали електори доаѓаат од европските земји од кои 28 се од Италија, 19 од земјите од Латинска Америка, 14 од Северна Америка, 11 се од Африка, десет од азиските земји и еден од Океанија.

Просечната возраст на кардиналите електори изнесува 71 година, а 67 од нив беа именувани од папата кој се повлече Бенедикт Шеснаесетти.

Според италијанските медиуми, како најголеми фаворите во конклавите влегуваат миланскиот надбискуп Анџело Скола и бразилскиот кардинал Одило Педро Шерер, надбискупот на Сао Паоло, најголемата дијецеза во земјата со најголем број католици светот.

Доколку биде избран Скола, папството по 35 години повторно ќе се врати во Италија, откако се` до папата Јован Павле Втори, 455 години на чело на Ватикан беа Италијанци. Изборот, на Шерер, пак, би значело дека има неевропски папа првпат во 1.300 години.

Како први можни компромисни кандидати најмногу се споменуваат канадскиот кардинал Марк Уеле, префектот на Конгрегацијата за бискупи. Најголеми фаворит на јавноста е бостонскиот надбискуп Шон Патрик О’Мајли, единствениот франевец капуцин во целиот кардиналски совет, кој убедливо го освои првото место во анкетата на читателите на миланскиот дневен весник Corriele della Sera.

OhridNews
извор:„Макфакс“