Поради големиот интерес за концертот на славниот пијанист Иво Погорелиќ кој на 25 овој месец  ќе настапи во црквата Света Софија, фестивалот Охридско лето направи напор да обезбеди уште еден дополнителен концерт во недела на 26-ти јули 2015 година.

Со ваквиот сериозен, одговорен и професионален пристап, во интерес на нашата верна публика, ќе овозможиме сите заинтересирани да можат да бидат дел од овој настан. Голем е бројот на гости од странство кои специјално најавија дека ќе дојдат во Охрид токму поради концертот на Погорелиќ. Резервации има од Србија, Хрватска, Грција, Чешка, Албанија, Франција, велат од Охридско лето.

Според селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска  маестро Погорелиќ на вториот концерт ќе настапи без било каков паричен надоместок.

И покрај тоа што како уметник ми е повеќе од јасно што значи да се настапи во црквата Св. Софија, му понудивме на Маестро Погорелиќ да настапи во предворјето на Св. Софија објаснувајќи дека причината е малиот капацитет на Св. Софија, 200 места, и дека во предворјето капацитетот е дупла поголем – 400 места. И покрај тоа што во тој момент се чувствувам не само непријатно, туку и не професионално, заради фестивалската публика морав да го сторам тоа. Само после неколку дена, го добивме одговорот кој сите не „шокира“. Маестро Погорелиќ изрази желба дека сепак сака да свири во Св. Софија, но затоа пак следната вечер, 26 јули, уште еднаш во истиот простор ќе настапи за да ги задоволи барањата на Фестивалот и на публиката и тоа без никаков надоместок, вели Јосифова Неделковска.

Според неа со концертот на Погорелиќ фестивалската публика, а и Охридско лето го добиваат најголеиот подарок за јубилејното 55 издание.

OhridNews