Младата македонска писателка Катерина Џатева го објави својот прв роман „Зајдисонце“ во издание на Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
-Романтична, искрена и динамична, книгата го претставува женскиот аспект на љубовта и на неверството, се чита во еден здив и е идеален избор за оваа сезона, за опуштање на плажа и за уживање во патувањето, велат од „Антолог“.
Во романот се раскажува за една млада девојка сака да заигра во ритамот на музиката, но се впушта и во ритамот на страста. Амбициозната Кармен се запишува на часови по танцување кај шармантниот и неодолив Соф. Отсуството на својот свршеник Ник го користи за да го разбуди својот талент за танцување без притоа да биде свесна дека судбината ѝ наметнува будење на љубовта што била затрупана од општеството. Кармен и Соф се впуштаат во љубовна врска што има облик на секаков вид романса освен на краткотрајна афера. Сплет на мисли, сплет на чувства што ечат од главата на неверната жена. Интересен спој на еден маж што не сака да сака и една жена што се плаши да сака и да биде сакана.
Писателката Катерина Џатева е родена на 23-ти јуни 1990 година во Струмица. Студентка е на Медицинскиот факултет во Скопје. Својот талент за пишување го открила преку читањето, а инспирација добива од местата што ги посетува и од приказните на луѓето што ги запознава. Романот Зајдисонце е нејзината дебитантска книга.
OhridNews