Во Охрид од вчера престојува претседателот на Република Латвија, Валдис Затлерс. Претседателот на Латвија и членовите на официјалната делегација денеска ќе ги разгледаат  културно-историските споменици и знаменитости и ќе имаат прошетка низ охридската чаршија. Во функција на безбеден престој на латвиската делегација, како и за натамошно одржување на стабилна и поволна безбедносна состојба на подрачјето, СВР Охрид ќе преземе низа оперативно-превентивни и сообраќајни мерки, но и зајакната примена на законските овластувања.

Во однос на сообраќајот, заради безбедно движење на делегациите и нивните возила под придружба, на одредени патни правци и сообраќајници, привремено ќе биде ограничено движењето на моторни и друг вид на возила. Мерките за сообраќајно обезбедување  започнаа вчера попладне со отстранување на неправилно паркираните патнички и други моторни возила, како и на оставените предмети од сообраќајните површини на Булеварот „Туристичка“ во насока кон хотелските комплекси,  Булеварот „Македонски просветители“ во насока кон централното градско подрачје- односно Кеј „Маршал Тито“ и на сите улици во стариот дел на градот. На потегот на овие сообраќајници, нема да биде дозволено запирање и паркирање на секаков вид возила.

Имајќи го во вид значењето на посетата, како и потребите на граѓаните, апелираме за исклучива нужност во користењето на сопствените патнички и други моторни возила, почитување на сообраќајните правила и прописи и активностите на полициските службеници. За време на посетата на латвискиот претседател, СВР Охрид, ќе превземе и други мерки за физичко обезбедување на подрачјето, информират од охридската полиција.

OhridNews