Русија остро ќе одговори на натамошните обиди да се охрабрат украинските вооружени сили да нападнат руски воени објекти, предупреди денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
Овој вид криминална акција на украинските вооружени сили против Русија не може да помине без одговор. Би сакале Киев и западните престолнини сериозно да ги сфатат соопштенијата на нашето Министерство за одбрана дека натамошните обиди да се поттикне Украина да нападне руски цели дефинитивно ќе предизвикаат остар одговор од Русија, рече Захарова.
Претходно денеска, британскиот министер за одбрана Бен Волас предложи Велика Британија да испорача оружје на Украина, што би можело да ги погоди руските поморски сили во Црното Море.
Тој рече дека би било легитимно и руската логистика да биде цел на украинските сили, но додаде дека е малку веројатно во тој случај да се користи британско оружје.
Претходно, британскиот заменик министер за одбрана Џејмс Хипи изјави дека Украина има законско право да напаѓа воени цели во Русија со цел да ја наруши логистиката на руските вооружени сили.