Двете лица кои вчеравечер се загубија на падините на планината Галичица ги спасил огнот кој и покрај лошите временски услови, успеале да го запалат. По единаесет часови потрага, акцијата која започна во 18 часот вчера, заврши во 5 часот утрово кога лицата од струшко Радолишта успешно беа евакуирани од страна на членовите на Единицата за спасување во планина и непристапни терени во рамки на општинскиот Црвен крст, а со поддршка на вработените во НП Галичица.
Драмата започнала во доцните попладневни часови, откако нивниот пријател пријавил во СВР Охрид, дека лицата се на непознат терен на Галичица. 20 минути по пријавата, била мобилизирана екипа од Единицата за спасување на планина.
– Со едно теренско возило кое за среќа го имаме од неодамна, за што треба да му се заблагодариме на Црвен крст на Македонија, бидејќи конечно по 15 години ни обезбеди возило специјализирано за интервенции на терен, вчера можевме да интервенираме и ја реализираме акцијата која траеше долго поради сложеноста. Лицата кои беа загубени имаа телефон, но со испразнета батерија и не располагаа ни со основни познавања од апликации кои ги имаа на телефонот, не можеа да ги прочитаат координатите. Не се од овој регион, па не можеа да ни кажат ниту некои места кои попатно ги сретнале, не можеа буквално да ни кажат ништо. Освен дека се на голема планина која е гола и без шума, раскажува Антонио Додевски од Единицата за спасување на планина.
Големото искуство кое го имаат членовите на единицата било пресудно за да се претпостави за кој дел од планината станува збор.
– Можевме само да претпоставиме кој е најризичен регион за да се залута. Им препорачавме да бидат на отворено и ако можат да запалат оган. За среќа тоа успеавме да им го кажеме пред батеријата од телефонот целосно да се испразни, околу 21 часот. Ги имавме буквално најнепосакуваните услови- обилни поројни врнежи од дожд и грмотевици, ниска облачност и слаба видливост од 3 до 4 метри. За среќа, нашата претпоставка за регионот се покажа дека е точна и кон 22.30 часот, според чадот од запалениот оган, визуелно ги лоциравме. Со огнот успеавме да ја задржиме и нивната телесна температура, бидејќи луѓето немаа никаква опрема, беа по кратки ракави, немаа ниту храна ниту вода и беа доста истоштени и дехидрирани, кажува Додевски.
Првиот контакт, со довикување бил направен околу 23.45, по што до двете лица стигнал и првиот тим кој јавил дека се е во ред. Следувала сложена евакуација поради непристапност на теренот и лошите временски услови. Лицата, придружувани од спасувачката екипа, морале да пешачат повеќе од два часа, додека стигнат до возилото со кое потоа биле превезени.
– Тргнале да собираат чај, но тој дел кон таканаречена Исток планина е еден од најсложените предели за ориентација и навигација во простор, бидејќи е едноличен терен, со многу нерамнини кои наликуваат една на друга. Истовремено е карпест терен, наместа со непроодни шуми и лесно е да залуташ. Покрај тоа, вчера поради врнежите од дожд видливоста беше многу слаба, вели Додевски. Тој потенцира дека кога се тргнува во планина мора да се има одредени познавања за теренот, начинот на однесување во одредени ситуации, и посетителите да се движат низ обележани патеки.
Ваквите настани уште еднаш ја потврдуваат неопходноста од што поскоро формирање на Служба за спасување во планина, постапка која е во тек во рамки на започнат проект кој предвидува 24 часовна ангажираност на службата во текот на 365 дена во годината.
Т.Кувенџиска