Угостителскиот сектор ќе претрпи сериозни загуби од кризата со коронавирусот Ковид 19, предупредува Туристичко угостителската комора, при Сојузот на синдикати на Македонија. Оттаму велат дека најпогодени од кризата ќе бидат малите и средни претпријатија до 50 вработени и семејните бизниси, посочувајќи дека најголемиот број угостителски објекти во земјата ставиле клуч по стапувањето на сила на вонредните мерки што ги прогласи државата

Во целата земја угостителскиот сектор вработува повеќе од 29.000 луѓе. Доколку го вклучиме и бројот на нивните семејства претставува сериозна бројка, која не сме во можност да ја издржиме, без адекватни мерки на Владата и банките. – рече денеска на прес конференција Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство.

Според Ангеловски без помош од државата, угостителството нема да може да издржи, посочувајќи дека секој изминат ден е трошок, а приходите се нула.

Ние моментално имаме проблем со платата за месец март, бидејќи нема никакви приходи, ни останаа залихи, задолжени сме со кредити, а не знаеме како мислат надлежните да се најдат средства да се платат придонесите за април и за мај. Имаме големо разбирање за моменталната состојба и сме подготвени да помогнеме во рамки на нашите можности, како на пример со залихи со храна и обезбедување оброци за лицата што се во изолација, за полициските пунктови кои ќе бидат неопходни за спроведување на полицискиот час и секаде каде ќе има потреба. Се што е во наша можност, ставаме на располагање за доброто на сите. Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.03., да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход. – истакна Ангеловски.

Угостителскиот сектор бара од државата субвенционирање на минимална бруто плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки; одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месец; замрзнување и репрограм на обврските по кредити и камати како и други доспеани обврски према банките до завршување на кризата и итно отварање на кредитните линии со субвенционирана камата.

OhridNews