Социјалните мрежи во земјава стануваат опасно место каде се жири говор на омраза од загрижувачки размери. Хелсиншкиот комитет за човекови права во декември 2020 година, слично како и во текот на целата 2020 година, нотирал висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Комитетот верификувал вкупно 110 пријави за декември 2020 година, што претставува зголемување за 130 отсто во споредба со истиот месец во 2019 година.

Говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот на пријавите, опфаќајќи 48 отсто од сите случаи регистрирани за тековниот месец. Истовремено, пријавите врз основ на политичка ориентација и сексуална ориентација и родов идентитет повторно забележаа подем во декември, со по 30 отсто од вкупниот број пријави, стои во извештајот.

Најголем број од случаите во октомври, како што е посочено, се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност, што беше во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија.

Најголем пораст на вакви пријави беше забележан во периодот кога Владата обезбеди средства за поддршка на работата на Општина Арачиново, одлука која наиде на остри критики и дискусија во јавноста бидејќи ѝ се даде етничко-политички предзнак, велат од Хелсиншкиот комитет.

Посочуваат дека внатрешните политички случувања доведоа до продлабочување на негативната реторика која честопати се заснова врз дезинформации и лажни вести без проверка на фактите за водење на понатамошна дискусија, како што беше ситуацијата при објавувањето на предлог-концептот за реформа на дел од образовните процеси од страна на Министерството за образование и наука.

Една од главните причини за ширење на говор на омраза е немањето верификувани информации и ширењето дезинформации и лажни вести. Дополнителен фактор за ваквата состојба е непостапувањето по случаите на говор на омраза, особено од страна на Јавното обвинителство, стои во извештајот.

OhridNews