Најголем пад, според Државниот завод за статистика во април месец бележи категоријата „машини и уреди неспомнати на друго место“, од дури 88,7%, што е сериозен удар врз целокупната домашна индустрија ако се има предвид дека оваа категорија влегува со без малку 9% во целото индустриско производство во земјава. Значаен дел во овој сегмент има производството на автомобилски делови и компоненти, кое што е распространето и во неколку други статистички категории – производство на моторни возила, електрична опрема, хемиски производи итн, анализира специјализираниот економски магазин „Капитал“.

Во анализата се наведува дека извозот од слободните зони каде се сместени десеттина фабрики од автомобилската индустрија е помал за речиси 40% во првите пет месеци, а само во април тој изнесува високи 86%, додека во мај е нешто помал, и изнесува 67,7%. Во пари, споредбено, во првите пет месеци од фабриките во зоните извозот е помал за 38,9% во однос на првите пет месеци лани, и изнесува 705,13 милиони евра.

Според директорот на фабриката со германски капитал „Костал Македонија“ во Охрид, Виктор Мизо, којашто е добавувач со компоненти на повеќе големи светски автомобилски брендови, ова се должи пред се на трендот на пад на побарувачката во автомобилската индустрија кој започна уште во 2019, проблемите во синџирите на снабдување во автомобилската индустрија на глобално ниво, коишто настанаа откако во Кина уште во јануари се затворија многу фабрики по избувнувањето на корона – епидемијата во Вухан,

Мизо го истакнува податокот дека бројот на регистрирани нови возила во месец април во Европа е паднат на само 292.600 од 1,34 милиони истиот месец лани, што е 78% помалку. Во Германија на пример, најголемиот пазар за нови автомобили во Европа, којашто и немаше голем локдаун како во Италија и Шпанија, падот на продадени нови возила е 50%. „Ова е најниско месечно ниво уште од 1970-те наваму и најлош резултат меѓу трите големи пазари – Кина, Северна Америка, Европа.“, додава Мизо.

Коментирајќи ги мерките за поддршка на економијата, Мизо, кој е и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, во изјава за „Капитал“ вели дека при креирањето на истите не можат да се применуваат исти аршини за големите странски извозни компании со напредно производство и малите и микро бизниси од услужната дејност, посочувајќи дека се потребни и долгорочни мерки како што е  системско решавање на проблемот со високите царински стапки за увоз на одредени материјали што значително влијае на конкурентноста на големите производствени капацитети коишто се  извозно ориентирани.

Целата анализа за проблемите во домашната индустрија предизвикани од пандемијата на Ковид 19 прочитајте ја ТУКА.

OhridNews
извор: „Капитал“