Нивото на водата во Охридското Езеро, според вчерашните мерења ја достигна котата од 693,12 метри што е за 63 сантиметри помало од максималната кота од 693, 75. Според мерните инструменти на Управата за хидрометеоролошки работи, изминатата сабота нивото се наоѓаше на кота од 693,13.

Од хидролошкото одделение при УХМР велат дека врз намалувањето на нивото влијаат екстремно високите температури во овој период од годината, какви што не се паметат досега, како и лошата хидролошка состојба. “Високите температури се причина за испарувањето на водата од површината, така што се случува нивото дневно да опаѓа од три до четири милиметри”, вели раководителот на хидролошкото одделение, Јосиф Милевски. Тој објаснува дека дождот и снегот најмногу  го полнат езерото и најголемите залихи на вода се складираат во текот на зимата и пролетта.


Загрижувачки опаѓа нивото на Охридското Езеро

Една од добрите страни на Охридското Езеро во споредба со Преспанското е што може  да се регулира истекот. Од ЕЛЕМ велат дека не се испушта  вода за потребите на електростопанството на Република Албанија. “Хидроелектраните во лето се вклучуваат краткотрајно, колку да се испегла дневниот дијаграм”, дециден е портпаролот, Мирче Котески.

При последните врнежи, во преспанскиот регион наврнаа 15 литри дожд на метар квадратен, додека во охридскиот само 1 литар на метар квадратен.

Од сабота попладне, според метеоролошките прогнози, се очекува дожд и опаѓање на температурите на воздухот.

Ohridnews