Во четвртото тримесечје од 2023 година во Општина Охрид се родиле 116 деца, а починале 167 лица. Природниот прираст е негативен и изнесува -51, соопшти Државниот завод за статистика. Во истиот период во Охрид се склучиле 85 бракови, а 18 биле разведени.И Општина Дебрца има негативен природен прираст во последниот квартал од минатата година. Во овој период таму се родиле 5 бебиња, а починало 21 лице. Се склучиле два брака, а исто толку се развеле.

Во Вевчани, пак, се родиле 9 деца, а починале 6 лица. Позитивен природен прираст има и Струга каде во наведениот период се родиле 106 бебиња, а починале 102 лица.

Бројот на живородените деца во земјава во четвртото тримесечје од 2023 година изнесува 4 185 и во споредба со истиот период од претходната година, е помал за 4.5 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица во четвртиот квартал лани е 5 028 лицa, што е за 1.5 % помалку од претходната година.

Природниот прираст е негативен – 843 лица, што значи за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.

Во последното тримесечје од минатата година, вкупно во државата биле склучени 2 824 бракови, за 1.6 % повеќе во споредба со истиот период од
2022.

Во ова тримесечје добиени се 599 извештаи за разведени бракови.

Г.М.