Жител на струшкото село Заграчани го изорал асфалтираното игралиште на ОУ „ Бафтијар Бануши“незадоволен од одлуката на надлежните институции кои го одбиле неговото барање за денационализација на имотот на кој се наоѓа игралиштето.
изорано игралиштето во Заграчани
Сулејман Сулејман повел постапка пред Комисијата за денационализација за враќање на имотот на кој се наоѓа игралиштето, која одговорила негативно, а Основниот суд во Струга донел решение дека игралиштето и припаѓа на Месната заедница. „Од кога доби решение дека нема право на имотот тој револтиран го ископа местото“, ни изјави Метан Бајрами, претседател на МЗ с. Заграчани. Немаме ништо против него, напротив чекавме дали ќе му следи или не имотот по основ на денационализација, но сега бараме местото да се врати во првобитна состојба за да може да го користат децата од училиштето, вели Бајрами.
селаните незадоволни
Тој објаснува дека игралиштето е дел од училиштето кое месното население го изградило со самопридонес за што биле собрани 700.000 швајцарски франци. „И сега да нема каде децата да држат настава по физичко или да рекреираат е жалосно“ вели Бајрами. Тој е незадоволен од односот на институциите бидејќи, како што рече, и покрај тоа што случајот го пријавивме кај правобранителот, во градежната инспекција и полицијата, никој не презеде мерки да го спречи самоволието на еден човек. Бајрами е лут и на политичките партии кои како што рече никаде ги нема кога селаните имаат проблем. Им порачувам на политичарите, како и на Министерството за образование малку да видат што се случува во народот и да го решат овој проблем, рече Бајрами.
МЗ-ца има решение за сосптвеност нема игралиште
Несудениот сопственик на изораното игралиште, видно вознемирен од присуството на новинарите не сакаше да даде изјава. Соломонско решение на проблемот најави Општината Струга. „За да ги смириме страстите во селото општината Струга ќе изгради нов спортски комплекс над основното училиште каде децата ќе може да посетуваат настава по физичко и да рекреираат“, изјави за Ohridnews, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
Во ОУ „Бафтијар Бануши“ настава посетуваат 210 ученици од селата Заграчани и Шум. Овие две села заедно имаат околу 2000 жители кои очекуваат надлежните институции да изнајдат решение за нивниот несекојдневен проблем.
Г. Момироски