Најмалку две лица загинаа во силниот ураган „Харви“ кој ја зафати сојузната американска држава Тексас. Жена загинала во поплавите, а маж во пожар во својот дом во градот Рокпорт во екот на невремето. Би-би-си наведува дека според некои извори бројот на жртвите се искачил на 5, но ваквата информација сè уште не е потврдена.

1.000 лица се евакуирани од Хјустон, околу 30 лица се повредени и хоспитализирани, а уште околу 40 лица се сметаат за исчезнати. Ураганот „Харви“ вчера достигна до брегот на Тексас како ураган од четврти степен (од максимални петти степени), но потоа ослабна до ниво на тропска бура и  нанесе значителна штета во крајбрежните градови, каде што се очекуваат и нови поројни врнежи.

Американската крајбрежна стража спасила најмалку 20 лица при различни инциденти поврзани со ураганот. Два хеликоптери успеале да спасат 18 лица – тројца од рибарски брод, 11 од возила.

Крајбрежната стража спасила исто така двајца луѓе и нивното куче, блокирани во близина на градот Рокпорт каде што штетите од ураганот се многу сериозни. Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, на прес-конференција апелираше до граѓаните да не ги користат своите возила бидејќи поплавени се поголемиот дел од улиците во Хјустон, кој е четврти град по големина во САД.