Работник од Албанија роден 1973 година го загубил животот денеска околу 14.30 часот при изведување електрични работи на новиот манастирски комплекс Света Богородица Захумска во месноста Заум кај Трпејца.

Како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски, несреќата се случила при изведување инсталација од ормарчето за напојување со електрична енергија, при што работникот допрел неизолирана фаза од инсталацијата. Веднаш била повикана итната медицинска помош која на повредениот работник му укажала прва помош, но на пат кон Охрид тој починал.

На местото на настанот извршен е увид во присуство на јавен обвинител, инспектор за труд и службени лица од СВР Охрид.

Манастирскиот комплекс со конаци непосредно до црквата Св. Богородица Захумска во Заум, која инаку е споменик на културата заштитен со закон, го гради Дебарско -кичевската епархија.

OhridNews
фото: Архива