Жител на тетовското село Челопек на возраст од 24 години го загубил животот во несреќа која се случила денеска при изведување на градежни работи за изградба на мини хидроцентрала во Кичевско.
Со смртните повреди, сега починатиот се здобил од удар на стебло кое било префрлано со градежна машина „Багер“. Настанот се случил при изведување на градежни зафати вршени од градежната компанија од село Челопек за изградба на мини хидроцентрала. Со телесни повреди се здобил и 50-годишен жител на истото село, кој е испратен во Клиничкиот центар во Тетово на натамошно лекување.
На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител, трудова инспекција од областа на безбедност и заштита при работа и работни односи како и полициски екипи од полициската станица во Кичево. По наредба на јавниот обвинител, во текот на денов врз телото на сега починатиот ќе биде извршена обдукција.
Полициската станица од Кичево, презема дополнителни мерки за целосно расчистување на настанот по што, против лицето кое ја управувал градежната машина ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
OhridNews