Спомен паркот „Билјанини извори“ е се’ освен пристојно почивалиште на паднатите борци од НОВ. Ова место кое често го користат и љубовџиите, во последните неколку години прераснува во дива депонија во која се истура се и сешто. Само што јавното претпријатие ќе го исчисти просторот од отпад, ќе никне нова депонија. Така е и деновиве. Околу спомен паркот и покрај патот за Велестово распослани се големи количини градежен шут и друг отпад.


Шутот се одлага каде ќе се стигне

Наместо на депонијата Мауцкер, која исто така несоодветно се користи, несовесните граѓани шутот го одлагаат кај ќе стигнат. Собранието вчера го донесе Законот за јавна хигиена кој предвидува остри санкции против загадувачите на животната средина. Од тоа дали ќе профункционира законот веројатно ќе зависи и однесувањето на граѓаните кон животната средина. До тогаш ваквите слики ќе бидат наше секојдневие.

Г. Момироски