Северна Македонија,Србија и Албанија потпишаа договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан. Овие документи се потпишани како први значајни чекори за нов и конкретен импулс за поттикнување на регионалната соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.


Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан има за цел трите држави со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи ,природни непогоди, несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, разни пандемии, како и индустриски и други катастрофи.
Со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој.
Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји.Една од најважните придобивки од овој меморандум е поедноставувањето на процедурите поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки во најголема можна мера со размена на податоци меѓу царинските и другите надлежни органи.

Како дел од церемонијата на потпишување на договорот и меморандумите денеска беше објавено новото име на иницијативата – „Отворен Балкан“.

 

OhridNews