Преговорите за изборниот законик согласно политичкиот договор очекувам да финишираат во недела и веднаш потоа ќе биде отворено прашањето за состојбата во медиумите и промените во МРТВ. Ова вечерва во Охрид го изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев. Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна дека медиумите се приоритет во политичките преговори.
–Тука е МРТВ, МИА, но и Агенцијата за аудио и визуелни медиумски услуги. МРТВ како јавен сервис е многу значаен затоа што сите плаќаме радиодифузна такса и мора да го направиме независен медиум од секој аспект, и од кадровски и од финансиски. Исто се однесува и на Македонската информативна агенција и Агенцијата за аудио и визуелни услуги. Мора да ги поставиме на здрави основи како коректив на секој кој го користи етерот како право на секој граѓанин на Македонија, во делот на законите и модерните пракси во европските земји, се со цел да постигнеме колку што е возможно независност на медиумите брз притоа да се мешаме во уредувачката политика ние политичарите. – изјави Заев.
Тој додаде дека граѓаните очекуваат после долги години комплетно влијание на извршната власт врз медиумите и падот на листите на релевантните меѓународни организации кои ја мерат состојбата со слободата на медиумите во земјата, медиумите да почнат да се враќаат во нормала и да станат коректив на власта и општеството.
Во врска со назначувањето на кадри за пополнување на министареските и зaменичните места во министертвата кои согласно политичкиот договор ќе и припаднат на опозицијата во техничката влада која треба да ги подготви парламентарните избори во 2016 година, Заев истакна дека СДСМ има соодветни решенија, но имињата на кандидатите се уште не се соопштуваат.
-Четирите решенија се партиски решенија на СДСМ и опозицијата, а тоа се трите заменички места во министерствата за финансии, земјоделие и јавна администрација со право на вето, како и целосното министерско решение за правда и министерството за труд и социјална политика и непартиското решение за МВР. Одлуките ќе ги донесеме непосредно пред 20-ти октомври за да може да се спроведе договорот од Пржино од 15 јули, а тоа е создавањето на техничката влада.-рече Заев.
Г.М.