Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска објави нови аудио снимки, според кои, како што рече, се гледа директната спрега меѓу власта и судството.
„Ќе слушнете како Груевски и Мијалков заедно со ДУИ местеле судски и обвинителски одлуки, избори и разрешување судии, местеле унапредување судии послушни кон власта. Денеска ќе слушнете каква контрола воспоставиле врз судството, како министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ и министерката за внатрешни работи се договораат, ќе слушнете договори и нарачки на судски одлуки-Ставрески, Јанкуловска, Велјановски, Груевски и Марко Зврлевски сегашниот републички јавен обвинител“, рече Заев.
„Лично тој по нарачка на Јанкуловска донел јавно обвинителска одлука, отфрлил кривична пријава против министерот за финансии Зоран Ставрески“, додаде Заев.
Заев презентираше аудио снимка на телефонски разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за правда Михајло Маневски, во кој, како што рече Заев, било договарано да се намести судска одлука.
Претседателот на СДСМ обвини дека и коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пазареле при поставувањето на свои луѓе во судовите. Презентираше разговор, за како што рече, местење на претседател на Врховниот суд, помеѓу директорот на УБК и Муса Џафери од ДУИ.
Потоа беше презентиран и телефонски разговор меѓу вицепремиерот Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во кој, според Заев, повторно власта се меша при донесувањето на судска одлука.
„Министерката Јанкулоска, избира кои судии треба да бидат унапредени, за тоа се информира од градоначалникот на Прилеп Маријан Ристески, дали тој кандидат е доволно нивен“, рече Заев.
Заев обвини и за контрола на судскиот систем од страна на власта.
„Ќе чуете како шефот на тајната полиција Сашо Мијалков нарачува избор на претседател на Врховниот суд. Како се прават нарачки на судски процеси во кои учествуваат Груевски,Ставревски, Зврлевски, Латас“, рече Заев.
Според Заев, чудно е како само Драган Павловиќ –Латас успева да ги добие судските процеси, а во продолжение објави и телефонски аудио разговор меѓу Латас и сопругата на поранешниот министер за правда, Филимена Маневска.
Тој додаде дека во Македонија нема минимум правда.
„Сега е јасно дека нема владеење на правото и правната држава, на ваквото владеење ќе му ставиме крај“, рече Заев, при тоа додавајќи дека токму тоа е доказ зошто во Македонија затворите се полни со политички затвореници, неистомисленици со власта, новинари…
Лидерот на СДСМ најави дека ќе продолжат со објавувањето на материјалите.
ОhridNews
Извор Макфакс