Во тек е конституирањето на управните и надзорните органи од најавеното претпријатие Колекторски систем по што државата и официјално го презема управувањето со колекторскиот систем. Премиерот Зоран Заев кој денес беше во работна посета на Охрид, на трибината „Силна економија – шанса за сите“, информира дека приоритет ќе биде целосна реконструкција на колекторскиот систем, зафат што чини околу 4 милиони евра.
- Имаме можност за оваа намена да се добие грант, ако не тогаш проектот ќе се финансира со државни пари со цел целиот колекторски систем да се стави во функција. Во моментов функционираат само 3 пумпни станици, 18 не работат. Првенствено мора да се санира системот на потегот од Канео кон Струга и кон претседателската вила, рече премиерот Заев.
Премиерот нагласи дека меѓу приоритетите за наредниот период е и целосната реконструкција на градскиот кеј, проект кој ќе се реализира со средства од ЕУ преку Светска банка, а дел и со пари од државниот буџет.
- Насочени сме кон туристичкиот развој и целта е да се обезбеди доходовен туризам. Да има поквалитетна понуда за да дојдат гости со поголема платежна моќ, во чија насока се и напорите за изградба на марина која ќе привлече и малку побогати гости, рече Заев.
Заев напомна дека се работи и на подобрување на водоснабдувањето на селата во поранешната Коселска општина и во Охрид, со користење на Свињишките извори, со што трајно би се подобрило водоснабдувањето на целиот регион со 150 до 200 литри во секунда гравитациона вода.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека во април ќе почне долгонајавуваната реконструкција на улицата Абас Емин. Информира дека изградбата на автопатот Кичево-Охрид ќе заврши во предвидениот рок, а со почетокот на градежната сезона, кон крајот на февруари, ќе продолжи реконструкцијата на патот Подмоље- Охрид во должина од 8,5 километри. За наредниот период предвидена е реконструкција на транзитниот пат до бензинската пумпа Билјанини извори, Подмоље- Радожда во должина од 4.1 км, патен правец од хотел Гранит до Пештани, а на почетокот на 2020 ќе се врши реконструкција на државниот пат Струга- Ќафасан.
Денешната трибина заврши со поставување прашања од граѓаните до премиерот и министерот Сугарески.
Во рамки на денешната посета на Охрид, премиерот Зоран Заев оствари средба и со вд градоначалникот Константин Георгиески, а ја посети и фабриката Костал.
OhridNews