Повеќе од три часа траеше распитот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по кривичната пријава поднесена од МВР за наводно примање поткуп, јавува „Утрински весник“. Заев не сакаше да каже што се’ се случувало во кабинетот на јавниот обвинител, Златко Биковски, повикувајќи се на почитување на Уставот и законите, пишува весникот во онлајн изданието.

МВР тврди дека наводно Заев зел поткуп од 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иво Николов Сачевалиев за приватизација на градежно земјиште. Тој како градоначалник на Струмица наводно парите требало да ги земе за да приватизира градежно земјиште со површина од 100.000 квадратни метри.

Заев потврди дека по извршен увид во доказите, дал свое видување за настанот за кој е осомничен, но исто така кажа дека веќе в среда ќе продолжи со давањето исказ.

„Денеска започна распитот, односно давање на мој исказ како осомничено лице за примање поткуп по кривична пријава поднесена од МВР. Почетните делови од изјавата денеска ги изнесовме и ќе продолжиме и наредната недела со овој предмет“, рече лидерот на опозицијата и додаде: „Нема да изнесувам детали од доказите, но ова е смешна работа. Ова е прв предмет во кој нема пари, а се гони за пари. Ова е предмет кој јас го прекинав и јавно информирав за име и презиме на личноста која со месеци се обидува да направи ’местенка’, од причини што можам само да ги претпоставам“.

OhridNews
извор: „Утрински весник“