783 делегати присуствуваат на денешниот 23-ти конгрес на СДСМ на кој се потврдува кандидатурата за претседател на Стево Пендаровски.
- Нашата партија заедно со нејзините лидери и членство никогаш не отстапи пред предизвиците. Секогаш ја преземаше одговорноста донесуваше одлуки и спроведуваше рационални политики што се покажаа како историски. Тоа беше во 1991 година, кога заедно со граѓаните на нашата земја учествуваме во процесот на прогласување на независноста на нашата земја. Тоа беше и во 2001 кога презедовме одговорност да го запреме меѓуетничкиот конфлик и со дијалог и со Охридскиот рамковен договор да почнеме да ја градиме новата вредност на нашата општествена заедница концептот „Едно општество за сите“. Така беше и во 2005 кога им дадовме силен имплус на европските вредности и нашите аспирации за членство во ЕУ и ни беше доделен кандидатскиот статус. Така беше и во 2015 година кога со „Вистината за Македонија“ со граѓантие на Македонија во кампот на слободата со шарената револуција тргнавме низ улиците на нашите градови. Кога трпеливо и мудро низ политичките процеси верувајќи во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок и кога социјалдемократските вредности ги здруживме со цивилизациските вредности за да си ја ослободиме заробената ни држава. Така беше и во 2017 и 2018 година кога на 27 април се спротивставивме на насилството и кога новата владина коалиција донесе одлука да постигне договор за пријателство со Бугарија и ќе го реши тридеценискиот спор со Грција“, рече Заев на отварањето на Конгресот.
За кандидатот за претседател, Пендаровски, Заев рече дека е најдобриот избор за победа на претстојните избори.
- Стево Пендаровски е нашиот иден претседател на Република Северна Македонија.Одиме ЗАЕДНО бидејќи знаеме дека на Македонија и е потребен Претседател кој со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе се приклучи во поддршка на нашата брза трака која земјата ја носи напред – кон сигурно иднина во во НАТО и ЕУ.Претседател кој e противник на поделби и изолации и кој ќе ја промовира Северна Македонија како глобална и праведна земја.Претседател кој ќе биде конструктивен и принципиелен партнер во започнатите реформски, интеграциски и економски процеси. Стево Пендаровски е тој претседател – личност со интегритет, и со сериозно и темелно професионално и политичко искуство, рече Заев.
Од страна на присутните, Пендаровски беше поздравен со силен аплауз, а кон крајот на конгресот се очекува и негово обраќање.