Претстојните претседателски избори ќе бидат длабоко вкопани во партиските ровови, со мали изгледи за консензуален кандидат, при што 12,4% од граѓаните за иден претседател би му дале доверба на актуелниот премиер Зоран Заев, а веднаш по него на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Никола Димитров со по 8,2% поддршка. Ова го покажа новата анкета на Телма и МЦМС спроведена од 7 до 14 декември на репрезентативен примерок од 1014 испитаници.

Веднаш зад нив на листата се Стево Пендаровски со 6,8 проценти, и Бујар Османи со 6,5, и поранешниот кандидат за претседател Имер Селмани со 5,8%. Сепак не се за занемарување речиси 19% од граѓаните кои идниот претседател не го гледаат во ниту еден понудените кандидати, како и 15% кои се уште не одлучиле.

Анкетата покажа дека консензуален кандидат е можен меѓу СДСМ и ДУИ, каде повторно на врвот на листата е Заев за кого би гласале 10,2% од Македонците и 11,2% од Албанците. Втор би бил Никола Димитров, а трет е Стево Пендаровски. Кандидатите кои се независни или се сметаат за потенцијални кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не можат да сметаат на гласовите на етничките Албанци. Сепак доколку партиите на Албанците излезат со свој кандидат мнозинството од гласови ќе остане тој кампус, при што прв е Бујар Османи – 22,7% поддршка, а веднаш зад него е Имер Селмани со 20,8. Далеку на трето место е Теута Арифи – 12,3 %.

Во македонскиот политички блок голема е подвоеноста. Приврзаниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ не би гласале за кандидат од спротивниот табор. Интересно е и тоа што испитувањето покажа висок процент на неодлучност кај поддржувачите на ВМРО–ДПМНЕ.

Доколку со претседателските се одржат и парламентарни избори резултатите покажаа дека СДСМ би освоило 26,9% од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ би добило 21,6 проценти. Поддршката за ДУИ би била – 7,4%, Алијансата 3,1%, БЕСА – 2,5. Висок е процентот на оние кои или нема да гласаат, вкупно 35,7%.

Она што граѓаните го бараат од идниот претседател, изразено во проценти изгледа вака. На врвот со 25% е чесноста, потоа чувство за договорност – 17,3, по што следат толеранцијата, решителноста, храброста, подготвеноста за политички дијалог, патриотизам.

За тоа на кој начин треба да се бира претседателот 80% сметаат дека тоа треба да биде како и досега, на избори, а само 13,8%, се на став дека треба да се бира во Собрание, oбјави Телма.

OhridNews
извор: Тв Телма