Според претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, одлуката за специјалниот обвинител би можела да биде позната веќе следната недела, односно најдоцна до почетокот, 7-ми или пак 9-ти август. Заев очекува тоа да биде направено уште во понеделник, со што ќе се избере специјален обвинител и ќе има новоформирана обвинителска структура.
„Концептуални се разликите на преговарачките тимови на политичките партии, но се надевам дека ќе бидат надминати најдоцна до самиот почеток на идната седмица, 7-ми, 9-ти. Јас би бил среќен да биде тоа 7-ми, со законско решение преку измени и дополнувања на законот, каде што ќе се избере специјален обвинител во новоформирана обвинителска структура, со неколку заменици, обвинители, стручни служби, со целосна автономија и независност на обвинителот, со можност да избира истражен центар со инспекторите коишто ќе ги бира, со стручни соработници, достоинствена плата, обезбедување на него и на неговото семејство. Сé што ќе гарантира целосна автономија за да тргнат процесите. Убедувањата беа вадени на маса доста денови, поприлично се расчистија правните непрецизности или разноликости помеѓу политичките партии. Денеска, утре, недела се убави денови да објавиме дека законското решение е договорена работа“, изјави Заев во петокот за време на неговата посета на Тетово.
Лидерот на СДСМ додаде дека изборот на специјалниот јавен обвинител е значаен за сите во Македонија бидејќи вака ќе се испратат пораките дека земјата е подготвена за реформи кои ќе водат кон независно правосудство.
„Ние се надеваме дека ќе носат мудри одлуки повисоките судски инстанци, секако ги следиме процесите и со жалбените постапки во делот на Јавното обвинителство. Ставот го кажаа независните експерти, сите претставници на правосудните органи коишто се независни, а тоа е реткост денеска во државата, но го кажаа, не може без да биде издадено решение за отпочната истрага, да има странка којашто ја застапува адвокат Додовски, да поднесе барање за одземање или изземање на доказите од процесот за којшто сеуште не се води истрага во предистражна постапка. Така да, ова како и да се одлучува од страна на повисоките инстанци воопшто не влијае на идните позиционирања на идниот специјален јавен обвинител и Обвинителството околу него“, порача Заев.
Според претседателот на најголемата опозициска партија, доколку изборот на специјалниот јавен обвинител не се случи во предвидениот рок, тогаш опозицијата е подготвена на секој можен начин да ги презема своите чекори, и доказите кои ги поседува да ги сподели со јавноста.
OhridNews
Извор:„Макфакс“