Не смее да има компромис со заштитата на светското културно наследство на Охридскиот регион заштитено од УНЕСКО. Оттаму нема да има никакви отстапки кон никого во спроведувањето на мерките за отстранување на забелешките нотирани во извештајот на Комисијата за светско наследство при УНЕСКО, поради кои постои опасност Охрид да биде ставен на листата на заштитени подрачја во опасност. Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев, кој во Охрид присуствуваше на свеченото отворање на новиот деловен центар во кој ќе биде сместен Зелениот пазар.

Сите кои имаат дивоградби во заштитеното подрачје, дали се куќи, згради, деловен простор, бетонска база или плажа, треба да знаат дека ќе бидат отстранети. Редот е сами да ги отстранат. Доколку не го сторат тоа, ќе ги острани општината, ако не постапи општината, ќе постапи државата. Колку побрзо ја прифатиме реалноста дека нема ништо поважно од Охрид и природното и културното наследство кое го имаме и дека истото треба да го заштитиме, толку подобро. Тоа е императив за сите и нема отстапување од тој план. Се надевам дека секој ќе постапи како што треба, а ние како држава сме тука да помогнеме, да возобновиме дејност да се најдеме на секој граѓанин и компанија кои ќе претрпат штета, но обврските донесени од парламенот се јасни и секој треба да ги почитува. – изјави премиерот Заев.

Министерот задолжен за спроведување на обврските од извештајот на УНЕСКО, Адеми, истакна дека градоначалникот на Струга Рамиз Мерко го информирал дека општината го испратила регистарот на дивоградби до надлежните институции, како и дека тоа ќе биде проверено. Додаде дека дивоградбите се само еден сегмент од проблемите кои треба да се гледаат во целина.

Една од препораките е во делот на Колекторскиот систем кој  почнува да се рехабилитира. Оваа Влада при самото доаѓање ја откажа изградбата на ски центарот на Галичица и изградбата на кракот од автопатот од Струга до Требеништа и експресниот пат Охрид – Св. Наум. Претставници на УНЕСКО заедно со наши експерти ги разгледуваат плановите, се со цел во иднина тие да бидат изготвени така како што треба. Планот за Управување со Охридскиот регион имаше три дебати, се сумираат сугестиите, како и тие од УНЕСКО и се надевам дека во текот на јануари тој ќе се усвои на седница на влада. Дивоградбите се можеби најтешкиот дел, но не сите дивоградби имаат влијание врз животната средина и токму тоа треба да се утврди со студијата за влијание врз животната средина. – појасни Адеми.

Властите имаат рок до февруари да постапат по забелешките нотирани во извештајот на УНЕСКО, а Адеми е оптимист дека новиот „репорт“ за Охрид ќе биде позитивен. Ја обвини претходната власт дека не направила ништо за да го заштити загрозеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, иако проблемите кои се нотирани во последниот извештај од април 2017 година биле посочени во извештаите од УНЕСКО за Охрид уште во 2009, 2011 и 2013 година.

Зошто не се комуницирало во минатото со УНЕСКО е нејасно. Оваа влада го презеде жешкиот костен и сега се споделуваат информациите со УНЕСКО и се користат нивни експерти за подобрување на состојбите и идното планирање на развојот на заштитениот регион. По прогрес извештајот кој ќе го испратиме во февруари, се надевам ќе имаме позитивна оценка за процесот, односно мерките кои ги преземеме за заштита на Охридскиот регион. – оптимист е министерот Адеми.

Премиерот Заев во изјава за медиумите дополни дека се завршени сите подготовки и обезбедени се потребните средства за санација на нефункционалниот Колекторски систем, која, како што информиравме, официјално почна денеска

Пумпмните станици се расипани, системот протекува и испушта фекалии и непречистени води во Езерото. Со санацијата ќе се изврши и чистење на 300 километри канализациона мрежа, како и на коритата на Дрим и Сатеска, со помош на УНДП, но и на АД ЕЛЕМ бидејќи оваа компанија го користи езерото.  – истакна премиерот.

Санацијата на колекторот ќе чини 4.2 милиони евра, а средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата. Работите ќе ги изведува „Еко тим“ од Скопје, филијала на хрватската компанија „Инд Еко“ од Ријека

OhridNews