Со новиот закон за катастар на недвижности, кој е во фаза на подготовка, ќе се решат сите проблеми настанати со авионското снимање, изјави премиерот Зоран Заев на одржаната трибина во Охрид. Како што информира Заев, законот е во работна верзија, а со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности деновиве било разговарано со цел постапката да се забрза и законот да се донесе што поскоро.
- Верувам дека во најскоро време ќе се донесе законот, затоа што во него го има решението. И за Охрид каде со авионското снимање се изместени многу меѓи на имотите и во скопскиот регион. Законот дава решение како да се вратат поранешните меѓи кои ги имаат граѓаните во тапијата. Направена е голема неправда, на некому му е одземено земјиште, на некому му е подарено, рече Заев.
Заев не објасна како на оштетените граѓани кои со години мака мачат поради несовпаѓање на нивните имоти со катастарскиот план, ќе им се надоместат трошоците за изработка на елаборати, времето кое го изгубиле на шалтерите во одделението за катастар, и како што беше кажано од граѓаните-изгубените нерви. Револтираните охриѓани побараа да се изврши и поништување на авионското мерење, кое предизвика многу проблеми и главоболки.
Освен во општина Охрид, проблеми поради авионското снимање, односно непоклопување на урбанистичките парцели на граѓаните со димензиите на катастарските парцели, имаше и во неколку скопски општини и Демир Хисар.
Последиците од ваквото непоклопување се што сопствениците не можат да добијат никаков документ, ни за реконструкција, ни за адаптација, надградба или доградба или легализација на објектот.
Иако имаше голем број вакви несовпаѓања, од страна на надлежните досега не беа признаени како нивна грешка, па затоа граѓаните беа принудени сами да го направат усогласувањето со катастарскиот план, подложувајќи се на трошоци за изработка на елаборати.
Т.К.