Најголемата статистичка операција ќе започне на 5 септември.Премиерот Зоран Заев денеска изрази уверување дека не очекува проблеми со спроведувањето на пописот, а во однос на тоа како ќе се решаваат ситуации со оние граѓани кои нема да примат невакцинирани попишувачи, тој најави дека ќе има рокади на попишувачите. Недостатокот од попишувачи, ДЗС ќе го решава со вработените од државните и локалните институции со договор на дело.

Ќе се трудиме секојпат со максимална флексибилност. Разговарав со министерот за правда и во една прилика и со директорот на Заводот за статистика каде што секако кога ќе се случат вакви ситуации може да се направи рокада на попишувачите за да може флексибилно да излеземе пред се во барањата и очекувањата на граѓаните, рече премиерот.

Заев рече дека е мал процентот на ваквите реакции, затоа што и поголем дел од попишувачите се вакцинирани, а, како што рече, и над 50 проценти граѓани над 40 години се исто така вакцинирани.

И попишувачите се вакцинирани во значителен процент. Мислам дека имајќи во предвид дека пописот се спроведува 20 дена, овој пат е 25 дена имаме дополнителни можности за флексибилно постапување се со конечна цел стопроцентно да ги собереме сите податоци од нашите граѓани, истакна Заев при посетата на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

Пописот ќе почне во недела, на 5-ти септември, и ќе трае до 30-ти септември. До тој ден ќе трае и онлајн пописот на дијаспората што почна на 1 март. До денеска до 7.30 часот во дијаспората се попишани 190.890 граѓани.

 

OhridNews