Проблемите околу изведувањето на заштитно конзерватоски и реставраторски работи на споменикот на култура Алипашина џамија во охридската чаршија каде се гради 32 метри високо минаре, без соодветна дозвола, ќе се решаваат низ дијалог по завршување на изборите, најави при денешната посета на Охрид премиерот Заев.
Додека премиерот одговараше на новинарските прашања, активисти на граѓанското здружение Совест со истакнување плакати изразија незадоволство од односот на надлежните институции кон проблемот и побараа итна реакција од Инспекцискиот совет бидејќи, според нив, и покрај изречената забрана од Државниот градежен инспекторат изградбата на спорното минаре не запира.
Сериозен тест за власта се и градежните активности на охридското крајбрежје, каде преку процесот на легализација на бесправно изградени објекти во советот на општината се урбанизираат атрактивни локации, обвинуваат екологистите. Премиерот најави поголема грижа за охридското крајбрежје и соработка со екологистите.
Неформалното еко движење Охрид SOS ги предупреди централната и локалната власт дека легализаирањето на бесправно изградените објекти во заштитените зони негативно ќе се одрази на статусот на Охрид кој поради тоа може да биде ставен на Листата на загрозени подрачја на УНЕСКО.
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска престојува во работна посета на Охридско-струшкиот регион. Тој утрово имаше воведно обраќање на 20-та годишна конференција на АД Македонска берза, по што придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши, прошета низ охридската чаршија. Попладнево премиерот и министерот за економија, во придружба на директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, ќе направат увид во тековната состојба и подготовките на новиот терминал на граничниот премин Ќафасан.
Г.М.