На прес конференција во седиштето на СДСМ, лидерот на партијата Зоран Заев презентираше нови снимки за прислушувани новинари.
– Денеска обелоденуваме дека сето ова се прави, директно од еден центар, Управата за безбедност и контраразузнавање во чиишто машини за обработка, следење и прислушување, се ставени над 100 новинари во Република Македонија. Според материјалите што се доставени до нас, следени и прислушувани се сите, и новинари од провладини медиуми и професионални новинари кои критички ги опсервираат состојбите во Македонија. За првите, уредниците во провладините медиуми, имаме аудио материјали кои ја разобличуваат директната спрега: премиер – УБК – медиуми. Како лично директорот на УБК, Сашо Мијалков, координирано со премиерот и негови соработници, во вистинска смисла на зборот владеат и менаџираат со медиумите и новинарите, не само во приватни медиуми, туку и во националниот сервис МТВ, рече Заев.
На прес конференцијата беа презентирани снимки меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер, кои се договараат кои медиуми што треба да покријат на настан во организација на МВР.
– Во следната снимка ќе слушнете како блиски соработници на Груевски најдиректно се јавуваат кај главниот и одговорен уредник на телевизија Сител, да нарачаат прилог. Но она што е поскандалозно во оваа снимка е признанието на уредникот Латас, дека вестите на Сител се полни со пропаганда, прилози и анкети по директна нарачка на премиерот Груевски, или “од кај твојот премиер“, како што и се обраќа Латас на налутената Канческа Милевска. Еве како ќе помине новинар во националниот сервис, МТВ, кој ќе се спротивстави на наредба лично од министерката за внатрешни работи, Јанкулоска. Од овој разговор на Јанкулоска со нејзиниот помошник и портпарол на МВР, Иво Котевски се дознава дека министерката забранува емисија и се заканува дека ако тоа не се испочитува, новинарката “ќе лета“ од работа. Следниот прислушуван разговор на Латас со директорот на УБК, Сашо Мијалков почитувани граѓани, открива директно признание на директорот на УБК, братучедот на Груевски, Мијалков дека тој, како што самиот вели, го средил Велија. Директорот на УБК, како што се дознава не е задоволен од тоа што го добива за возврат од Сител и Канал 5, коишто, како што самиот кажува добиваат и милиони. Мијалков ја споменува сумата од 2 милиони евра, рече лидерот на СДСМ.
Како што рече Заев, од разговорите се потврдувало дека директорот на УБК, во координација со Груевски и со извршниот директор на МПМ, Срѓан Керим, “ги средил“ и трите весници на МПМ.
– Во последната снимка за денеска ќе слушнете како Груевски барал од министерот Јанакиески од сметката на АЕК да префрли половина милион евра исплата за направени документарни филмови. Груевски нарачува кај Јанакиески да ги оправда парите под ставката “општествена одговорност“, а за да биде веројатно впечатокот посилен, првиот да бил патриотски документарец насловен “за македонската борба за слобода“, рече на прес конференцијата Заев.
Заев истакна дека најследен, најприслушуван, со години таргет на тајните полициски служби дека бил доајенот на новинарството во Македонија, уредникот, новинар и сопственик на неделникот ФОКУС, Никола Младенов. Неговиот предмет бил воден под посебен назив во УБК: Извод од базата на податоците на УБК за контролата на комуникациите на сопственикот на неделникот Фокус, Никола Младенов 2011/2013 година.
– Ова досие му припаѓа на семејството на Никола Младенов и ќе им биде врачено на начин на којшто тие самите ќе одлучат, рече Заев.
OhridNews