Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од неговиот адвокатски тим, денеска повторно се појави пред јавен обвинител од Одделот за организиран криминал, овој пат поради сомнеж за примање поткуп. Пред пет дена, тој беше во обвинителството на распит поради случајот „Пуч“.
Заев во обвинителството се задржа десетина минути, а по напуштање на зградата на Судската палата, тој уште еднаш повтори дека и покрај тоа што кај него не постои верба во правосудните органи, сепак, „до крај ќе ги почитува Уставот и законите на Република Македонија“ и дека ќе се одѕива на поканите на правосудните органи секогаш кога ќе го повикаат. Што се случувало во тие десетина минути Заев не сакаше да каже, со објаснување дека не сака да ја попречува постапката, но во исто време најави дека и тој ќе ги претстави доказите со кои ќе се потврди, како што вели, неуспешниот обид за негов поткуп.
Според неофицијални сознанија, Заев денеска не дал исказ пред обвинител, а не му биле презентирани ниту доказите што ги обезбедила полицијата. Сознанијата велат дека Заев ветил дека ќе даде исказ кога повторно ќе биде повикан во обвинителството.
Пријавата против лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица беше поднесена пред точно една недела, додека Заев во Универзална сала ја презентираше осмата „бомба“ за изборните малверзации. Тој е осомничен за наводен поткуп од 200.000 евра, средства што Заев требало да ги прими по основа на приватизација на градежно земјиште, со површина од 100.000 квадратни метри. Според МВР случајот датира од ноември 2013 година, а Заев, во својство на градоначалник на Општина Струмица, наводно, побарал подарок од значителна вредност, во износ пресметан од по две евра за еден квадратен метар.
Тој во Универзална сала рече дека неговиот сограѓанин Иво Сачевалиев се обидел да му понуди поткуп. Неговото име, вели, го споменал за да ја исклучи можноста во некое идно време струмичанецот да се појави како заштитен сведок. За она што му било нудено, со уште две лица вработени во општината, направил записник и случајот го пријавил во полиција.
OhridNews
извор Утрински весник