Со денешниот договор се потврди сè што во континуитет, јас, Социјалдемократскиот сојуз, опозициската коалиција, го докажавме во проектот Вистината за Македонија, дека Никола Груевски и неговите најблиски соработници владеат на криминален и коруптивен начин и дека не победуваат, туку ги крадат изборните процеси.
Никола Груевски ќе поднесе оставка и нема да ја предводи Владата што ќе ги организира и спроведе изборите, што ќе се одржат на 24 април идната година, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев на прсконференцијата по повод постигнатиот договор за излез од политичката криза во Македонија.
-Заминувањето на Груевски од Владата ќе се случи до крајот на оваа година, а изборот на новата Влада ќе биде најдоцна до 15 јануари. Тоа што го ветивме, го остваривме, Никола Груевски нема да ги организира и да ги спроведе изборите. – рече Заев. Toj додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи новиот премиер, но тоа треба да биде човек којшто не е инкриминиран согласно доказите коишто опозицијата ги објавуваше сиве овие месеци наназад.
Заев истакна ндека СДСМ и опозицијата во владата влегуваат во 5 министерства.
-Социјалдемократскиот сојуз ќе го предложи новиот министер за внатрешни работи. Покрај МВР, СДСМ ќе предложи и министер за труд и социјална политика. Во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Министерството за информатичко општество, СДСМ ќе назначи заменици министри со право на вето.-посочи Заев.
Со договорот предвидено е да биде избран специјален јавен обвинител којшто ќе биде задолжен да спроведе истрага за содржините, доказите и аргументите од проектот Вистината за Македонија.
-Новиот јавен обвинител, со целосни, автономни овластувања ќе ги добие материјалите, кадешто на транспарентен начин, во име на вистината за Македонија треба да бидат процесирани. Паралелно, преку собраниските комисии нивната содржина ќе биде достапна за јавноста. Најважно од се’ што ќе има правна последица по сите докази и аргументи, односно по основ на содржината на веќе објавените материјали и на сите оние коишто докажуваат вина, криминал, незаконско и неетичко делување од страна на власта.
Запрашан кога ќе биде избран независниот обвинител, Заев рече дека Договорот ќе биде објавен на веб страната на СДСМ, веднаш после прес конференцијата за да нема дилеми, додавајќи дека новиот јавен обвинител ќе биде избран на 15-ти септември.
Според договорот СДСМ на почетокот на септември ќе се врати во Парламентот и активно ќе учествува во целосно спроведување на сите сегменти од постигнатиот договор, во насока на неопходните промени во критичните области нотирани во меѓународните извештаи.
Одговарајќи на новинарско прашање дали постигнатиот договор е многу под првични барања на опозцијата, Заев рече дека договорот во интерес на Република Македонија и во интерес на граѓаните.
-Нашите очекувања беа дека ќе испорачаме гаранции, токму опозицијата да биде гарант на враќањето на демократските институции, нормализирањето на државата, враќањето на корективите во општеството и гарант за слободни, фер и регуларни избори. Тоа беа нашите очекувања. Баравме оставки ги добивме пред неколку месеци. Баравме оставка од Груевски, да не ги спроведува тој изборите, ја добивме оставката. Баравме преодна Влада, еве ја преодната Влада, којашто е гарантор на фер, слободни и демократски избори. Да не заборавиме, изборите се крајниот продукт на овој скоро десетмесечен процес којшто претстои пред нас. Нормализацијата на институциите, нормализација на демократските институции е многу важна работа за којашто треба да се впрегнат сите сили, на целото демократско општество, на граѓанскиот сектор којшто се одважи во овој период, на здружената опозицијата, на интелектуалците и слободоумните граѓани коишто не припаѓаат на ниту една партија. Овој процес треба да ги врати темелите на демократска Македонија коишто се изгубени. Тоа е само по себе гаранција на фер, слободни и демократски избори. Но, овој пат, ние сме во Влада, таа Влада нема да ја води Груевски, што е дополнителен гарантор на слободни, фер и демократски избори.-изјави Заев.
Лидерот на СДСМ истакна дека постигнатиот договор предвидува унапредување на добрососедските односи, унапредување на етничките односи во државата и унапредување на евро-атлантските интеграции, но во него не постои никаде, ниту пак се разговарало на маса, дека преоднара Влада која ќе се формира би преговарала за името.
-Никаде не стои. Знаете дека, прво решавањето на спорот околу името не зависи само од Република Македонија, зависи и од Грција, ај да видиме дали се таму до крај решени работите, второ, не знаеме целиот овој период што ќе биде испорачано пред нас – но вистината е таа, ниту се споменало, ниту се разговарало, во целиот овој неколкумесечен период на преговори, за проблемот околу името.-потенцира Заев.
Заев изрази благодарност до претставниците на меѓународната заедница за ангажманот и вложените напори во овој преговарачки процес, во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани.
OhridNews
Постигнат е договор за излез од политичката криза