Првиот човек на СДСМ Зоран Заев вечерва по вториот круг од Локалните избори поднесе оставка од премиерската функција и од функцијата претседател на СДСМ.

Од името на СДСМ им честитам победата на  нашите политички опоненти  на овие Локални избори. Ја преземам одговорноста на себе за ваквиот развој за политичките настани заклучно со резултатите на овие избори. Поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ.

Тој додаде дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори бидејќи претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа од кои корист ќе има целиот народ и државата. Истакна дека ќе остане на функција додека трае реорганизацијата на новата Влада со прогресивно мнозинство кое, како што рече, може да биде зголемено, а во иднина најави дека останува дел од членството на СДСМ.

Не е воопшто тешко заминувањето од политиката тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ. Заедно со граѓанството сум донел слобода и демократија во нашата земја,  а кога е така правилото е дека треба да има преземање на одговорност, низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да учи народот  и да расте во својот демократски капацитет и по  својата граѓанска должност да води грижа за својата земја, ред е граѓаните да поддржуваат храброст кои носат тешки но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, истакна Заев.

Заев на вечерашната прес-конференција упати честитки до сите избрани  градоначалници  и советници и порача  чесно и одговорно да ја извршуваат својата работа во функција на граѓаните.

К.А.