Кукавички е во заложништво да се држи Македонија. Овој масовен собир порачува со волја или без волја на Никола Груевски тој ќе замине, мора да замине. – истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев во говорот пред присутните граѓани на големиот граѓански протест што се одржува во Скопје.

-Друго решение за кризата која е во кумулативна фаза нема за да ја вратиме демократијата, правдата, надежта што ја земаа од осиромашените граѓани, за да ја исправиме на нозе државата која е фрлена на колена, за да се вратиме на европските патеки и да ги вратиме вредностите. Решението за излез од една од најсложените кризи од осамостојувањето на Македонија е Никола Груевски да поднесе оставка, јавниот обвинител и обвинителот за организиран криминал да си поднесат оставки, раководните структури на МРТВ да си поднесат оставки. Неопходно е да се постигне политички договор за формирање преодна влада која ќе организира слободни и фер избори, да се исчисти избирачкиот список и да се создадат услови за независно медиумско известување. Затоа порачувам дојдовме и нема заминување додека не го вратиме мирот, спокојот и достоинството на граѓаните на Република Македонија.-рече Заев.

Лидерот на СДСМ ги повика присутните со едноминутно молчење да им оддадат почит на загинатите бранители во борбата со терористите во Куманово, а со аплауз беа поздравени, како што рече Заев, патриотите кои на опозцијата и ги предале прислушкуваните телефонски разговори за да се открие вистината за Македонија.

Тој рече дека иако е несфатливо во 21 век, граѓаните на Македонија масовно излегле на протест за да си ја вратат слободата. Заев побара меѓународниот фактор директно да помогне да се разреши кризата во земјата.

-Очекувам меѓународата заедница која е сведок на случувањата во Македонија да помогне, не само со набљудување туку и директно, да се надмине кризата, оти видливо е според најавите на власта таа да има последици кои никој не ја посакува.-додаде Заев.

Заев изнесе детали од платформата на опозцијата за реформи во државата. Тој се обрврза дека Македонија ќе биде заедничка држава, стабилно и грижливо мултиеткничко општество на сите граѓани родени во оваа земја без разлика на нивната етничка или верска припадност,

-26 години Македонија е една држава, а две општетства и тоа не може повеќе така. Македонија ќе биде една држава – едно општество на рамноправни граѓани, горди на својата татковина. Различностите се нашето богатство, ќе ги зацврстиме темелите на мултикултурата која ќе ја градиме уште од најмала возраст во градинките. Ветувам фер распределба на доходот и државните добра, општество со фер плати и пензии и социјална држава за сите граѓани.-порача Заев.

Лидерот на опозицијата рече дека даноците ќе бидат прилагподени според примањата, и најави реформи во јавното здравство со цел тоа да биде ефикасно, а услугите лесно достапни за граѓаните, лекарите ќе бидат ослободени од административни сопки, ќе се воведе национална здравствена сметка за да се следат во секој момент итните случаи.

Заев најави реформи и во образовниот систем во соработка со студентите, учениците и наставниците.

-Ќе се залагаме за квалитетно образование по примерот на Финска и Словенија, ќе го укинеме екстерното тестирање и казните за професорите, приемниот испит ќе го вратиме на факултетите, математика ќе полага секој кој ќе се запише на природно-научните факултети, во Скопје ќе изградиме модерен студентски центар.-посочи Заев.

Во фокусот, додаде Заев, ќе биде и земјоделството, привлекувањето на странски инвестиции, но домашните компании ќе имаат приоритет за помош од државата за да се раздвижи економијата, судството ќе се департизира.

-Ќе ги тргнеме рацете од судската власт, ќе се преиспитаат сите спорни одлуки, ќе обезбедиме целосна финансиска независност на судството, јавниот обвинител ќе се избира на непосредни избори или на предлог на опозицијата. Ќе има контрола на примената на специјалните мерки како прислушувањето, што треба да биде далеку од рацете на политичарите за да не се повтори ваков скандал никогаш и никаде. Притворот нема да се злоупотребува, казненаната политика ќе биде превентивна, а висината на казните ќе се прилагоди на примањата.– рече Заев. 

Претседателот на социјалдемократите посочи дека нема да се финансираат владини кампањи на комерцијалните телевизии, а активностите на државата ќе бидат промовирани на МРТВ. Државните средства за медиумите ќе се распределуваат според критериуми кои ќе се утврдат заедно со новинарите. 
Заев рече дека ќе се залага институтот пратенички прашања наместо еднаш да се применува 2 пати месечно, а премиерот при носење на буџетот задожително да учествува на јавна дебата на националниот сервис.

-Украдените пари ќе мора да се вратат назад во државата и на народот. Нема да отпуштаме вработени од јавната администрација, туку ќе ја реорганизираме во функција на граѓаните, секој граѓанин ќе има подеднаква можност за работа. Ќе создадеме услови граѓаните да не се иселуваат во светот по потрага за подобра иднина.-рече Заев

За проблемот со името, Заев рече дека ќе се изгради политички консензус.

-Ќе поставиме заедно наши црвени линии во функција да го решиме проблемот, да го заштитиме нашиот идентитет и посебноста, а за сето тоа ќе бидат консултирани граѓаните.-порача Заев.

Тој истакна дека ова се само дел од реформите на кои СДСМ и опозицијата продолжуваат да работат. 

OhridNews