Претседателот на СДСМ, Зоран Заев е оптимист дека до 12 февруари, во парламентот ќе се донесат сите неопходни законски решенија, меѓу кои и законот за јавно обвинителство. Во таа насока очекува дека во текот на следната недела, ќе се одржи и лидерска средба на која би се се разговарало со цел изнаоѓање заедничко решение.

  • Верувам дека пред распуштањето на парламентот ќе се донесе и овој значаен закон кој ќе биде од голема помош за нашата земја и е еден од покомплексните закони кои се гласаат со двотретинско мнозинство. Останувам на располагање и сакам да разговарам со сите за да изнајдеме решение. Сега сме растеретени бидејќи предметите од СЈО се распоредени во судска постапка и се под контрола на државниот јавен обвинител. Така растеретени можеме да изгласаме во парламентот, да договориме структурно суштинско решение за законот кое би било поддржано од сите. Јас верувам дека ќе има двотретинско мнозинство за овој закон заради обврската и одговорноста пред нашата држава и народ. Верувам дека работните групи ќе сигнализираат ако има приближувања на ставовите, а тие се среќаваат и по изборниот законик кој го финализираат во своите преговори, така да можно е да се договориме за законот.  Ако треба да се гледаме треба тоа да биде оваа недела, затоа што потоа би следеле низа процедури во парламентот, изјави Заев кој денес присуствуваше на масовното одбележување на празникот Богојавление Водици во Охрид.

Според претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предложеното решение од СДСМ претставува закон кој, како што вели, треба да ги штити криминалните структури од СДСМ што ќе заминат во опозиција после 12 април.

  • Нема никаква дилема дека треба да се донесе европски закон за јавното обвинителство. Ако треба да се одржи средба колку ради реда јас навистина ниту имам намера да го губам времето на Заев, ниту да го губам времето на граѓаните. Работните групи во неделата што следи ќе имаат состанок, ќе разговараат и доколку ги усогласат ставовите, тогаш можеме да разговараме за нешто конкретно, односно одржување на лидерска средба. На овој закон за јавно обвинителство му претходеа насоки од страна на личниот адвокат на заев, контраверзното писмо од притвореничката Јанева, со кое сите предмети во судски процедури на криминален начин се префрлаа во судовите. Доколу сакаат да разговараат за законот за јавно обвинителство, најпрво треба да изготват реформски закон кој вистински е европски закон, да ги усогласат ставовите групите кои преговараат и дури потоа може да се разговара за евентуална лидерска средба, изјави Мицкоски од Охрид.

Усогласување на ставовите во врска со законот за јавното обвинтелство и неговото носење бара и меѓународната заедница. При неодамнешната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, беше упатена препорака дека законот за ЈО треба да се стави највисоко на приоритетната листа во пресрет на мајскиот Самит, за кога е најавено дека Европската комисија повторно ќе предложи отпочнувањето на преговори со Македонија.

OhridNews