„Бегање од Договорот нема, а ако некој калкулира дека со тоа купување на време ќе избегне нешто од тоа што треба Договорот да го имплементира и го потврди, само се лаже. Затоа ден порано да ги завршиме работите за да може да преминеме на следните фази. Ова е сериозен процес којшто е отворен во Република Македонија. Само сериозно посветување во неговото имплементирање може да донесе квалитет повеќе за граѓаните“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Прашан дали навистина тие намерно одолговлекуваат и пробиваат рокови и се закануваат со продолжување на „бомбите“, Заев рече дека, доколку опозицијата сакала да продолжи со „бомбите“ воопшто немала да седне со Никола Груевски и со власта на преговори.
„Нашето убедување е дека по пат на преговори овој хибриден режим ќе замине. Апсолутно принципиелно сме поставени, благодарение исто така и на меѓународната заедница којашто е менаџер на целиот преговарачки процес, а секако овде и на имплементацијата на договореното. Навистина не би сакал да навлегувам во детали на вината заради тоа што на крајот меѓународната заедница е таа којашто ќе каже кој навистина целосно е посветен на процесот со развој на идеи и секаков вид на опции, а кој навистина го блокира процесот“, рече Заев.
Тој порача дека мора да се донесе изборна регулатива, прочистување на избирачкиот список, и одлуки како со медиумите понатаму, а претстои правосудството, претстојат толку многу области.
„Ние сме рационални луѓе, еве граѓаните ценат дали сме непопустливи или попустливи во процесот. Ние кога седнуваме на маса знаеме дека Договорот мора да се постигне некаде на пола пат, и тоа е така, но апсолутно црвените линии се поставени. Ако при овој тригер којшто се отвори општеството со политичката криза, навистина чесно не се поставиме исклучиво кон интересите на Македонија и на граѓаните, не на политичарите и политичките партии, тогаш само се лажеме ние и ги лажеме нашите граѓани“, рече Заев
На прашањето зошто анкетната комисија во Собрание веќе втора недела го помина рокот од како требаше да се формира, Заев рече дека нема притисок од меѓунароната заедница заради тоа што навистина биле принципиелно поставени.
OhridNews
Извор: „Макфакс“