Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се обрати до јавноста со соопштение во врска со поднесените оставки за несреќата во ковид-центарот во Тетово, како и за започнатата експертска истрага.
Веќе трет ден сведочиме дека трагедијата која се случи на 30-годишнината од денот на независноста ги покрена на највисоко ниво солидарноста кај граѓаните, респонзивноста на институциите и одговорноста на политичарите. Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи, напиша Заев.
Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детал причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија, додава Заев.
Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага, додава заев.
Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки. Најавувам дека во текот на следната недела, во првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопштам ставовите на Владата базирани на фактите од истрагата, напиша премиерот Заев.