Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е четвртообвинет во случајот „Пуч“, за обид за насилство спрема високи државни функционери, не се појави на стартот на судењето, поради што рочиштето беше одложено. Адвокатот на Заев, Филип Медарски, рече дека Заев јавно кажал зошто нема да се појави на судењето, мислејќи на неговата изјава дека Заев нема да го почитува судот кој според него е под целосна контрола на власта. Медарски побара судењето да се одложи за подолг рок, поради политичкиот договор од Пржино со кој беше договорено овој предмет да го суди специјален обвинител.
Судијката која го води случајот, Башевска, рече дека мора бранителот на Заев мора да има предвид дека во предметот има луѓе што се во притвор и дека треба да води сметка за нив. Сепак, со согласност на двајцата притворени и поради годишните одмори, судењето е одложено за еден месец, поточно за 7-ми септември.
До Основниот суд Скопје 1, пристигнало известување од судот во Струмица, дека Заев не се јавувал во судот и не ја почитувал мерката за претпазливост. Судијата којшто треба да одлучува за мерката за претпазливост на Заев сé уште е на годишен одмор, а судијката Башевска одлучи да му се испрати покана на Заев за следното судско рочиште со напомена.
Пред кривичниот суд приврзаници на Заев имаа поставено транспарент со фотографија на Заев и логото на „Вистината за Македонија“.
Во судскиот процес „Пуч“ обвинети се поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.
По објавувањето на „бомбите“ од страна на опозицијата, прислушувани разговори на високи функционери, тие беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“.
OhridNews
извор Макфакс