Лидерот на опозицијата Зоран Заев најави дека ќе оди до крај и ќе ги обелодени сите докази, со кои, како што вели, ќе се разобличи криминалното владеење на власта. Тој синоќа гостуваше во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“ во која на прашање на новинарот изјави дека не се чувствува безбеден. 

-Лично не се чувствувам безбеден, но тоа е најмлку важната работа сега.- рече Заев, посочувајќи дека пасошот кој му е одземен не му треба , затоа што неговата работа сега е тука. 

Во интервjуто Заев рече кризата во Македонија мора да има најнапред политичка разрешница, а решението го гледа во преодна влада која ќе подготви нови избори. Додаде дека очекува претставниците на власта инволвирани во незаконски дејствија да си поднесат оставки. Најави дека целата вистина ќе излезе до крај и никој нема да биде поштеден, за што, како што рече, треба време и побара трпение од граѓаните. Тој уште еднаш повтори дека во моментов не верува во правна разрешница, затоа што, според него, власта има ставено рака над судството и обвинителството.

Лидерот на опозциската СДСМ се осврна и на конекциите со разузнавачот Верушевски со кого, како што рече, се консултирал во врска со добиени материјали од прислушкувањето. Смета дека тој и неговото семејство се жртви на монтиран процес и рече дека се обидел да им помогне и да ги спаси од режимот, за што лично им купил компјутер, а бил подготвен да им обезбеди и автомобил.

Премиерот Груевски во изјава за медиумите дадена денеска, речче дека на Заев не може да му се верува и оти тој сам се демантира. Заев не треба многу да се коментира, бидејќи човекот себеси се коментира и демантира, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање за тврдењата на лидерот на СДСМ за неговиот однос со Верушевски искажани во интервју за ТВ Телма. 

– Тој пред некој месец говореше дека тие не се познаваат за подоцна да каже дека се познаваат, ама не така добро, за на крај да каже дека, сепак, добро се познаваат. Потоа излезе едно писмо за кое се молчеше, за подоцна Заев самиот да ја потврди веродостојноста на тоа писмо дека тој му го напишал на оној, со кого, нели, не се познавале претходно. Излегоа и пораки од мобилните телефони шифрирани, за вчера да ги потврди дека се точни. На крајот излезе дека на човекот за којшто тврдеше дека не се познаваат му купил компјутер и се спремал да му купи кола. Чудно малку, нели, затоа што се одважил да направи нешто против Владата. Има многу луѓе што се одважиле да направат нешто против Владата, но не сум чул Заев на сите да им купувал кола и компјутери. рече Груевски.

Според ова, додаде, јасно е дека господинот Заев во неколку наврати не ја кажуваше вистината. – Кога човек така настапува, еднаш кажува вака, еднаш кажува онака, на таков човек не може да му се верува. истакна Груевски.

По објавените аудио-снимки на коишто вицепремиерот и министерот за финансии, Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулсока зборуваат за премиерот Никола Груевски, тој тврди дека нивната соработка е одлична.

-Ние сме долги години соработници и одлично се познаваме. Многу работи сме ги разрешиле заедно, низ многу дијалог и дебати и сме доаѓале до најдобро решение, преку многу разговор. Така што, немаме таков проблем, како што мислите дека имаме, за да се погледнеме и да соработуваме. Овозможивме да се случат многу нешта како зголемување на пензиите, платите, социјалната помош… Така што и тоа како сме направиле добри дела за да можеме да бидеме горди. – истакна Груевски и додаде дека заеднички направиле многу дела и проекти и правиме и градиме патишта, автопати, реконструкции и градба на нови болници, театри, отворање нови фабрики, пренесува „Макфакс“.

Во меѓувреме, денеска, СДСМ поднесе нови 3 кривични пријави против Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, како и против градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

„Кривичните пријави се поднесени за различни кривични дела кои произлегуваат од содржината на досега објавените разговори.

Настаните што се опфатени со кривичните пријави се:

-Прекршување на правила и прописи при апсењето на Љубе Бошкоски
-Незаконско рушење на објектот Космос и
-Договарањето бркање од работа на политички неистомисленици по парламентарните избори 2011 година

За сите наши натамошни активности, дополнително ќе бидете известени.“ – изјави Љупчо Николовски, член на Извршен одбор.

OhridNews