Во вториот квартал од 2018 година растот на БДП достигна 3.1 % што претставува значајно забрзување на економскиот раст во овој период од годината, истакна премиерот Зоран Заев. Согласно позитивните резултати што ги имаме на економски план нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст на БДП од 3.2%, најави премиерот.

Тој истакна дека во вториот квартал од 2018 година, најголем пораст е забележан во секторите: Уметност, забава и рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 13.9 %; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 12.7 % и стручни, научни и технички дејности; административни и помошни услужни дејности од 4.5 %. Секако значителен дел имаат овде растот на индустријата, енергетиката, земјоделството и други сектори.

Ваквиот тренд на пораст на БДП покажува дека политичката стабилизација на земјата која ја постигнавме заедно со поканата за членство во НАТО, започнатиот процес на почеток на преговори со ЕУ и спроведувањето на квалитетни економски политики значително ги отворија перспективите за раст и развој на македонската економија. – рече Заев.