Никола Груевски играл нечесни игри и присвојувал атрактивни градежни парцели во општина Центар, обвини лидерот на опозциската СДСМ Зоран Заев, на прес конференција што денеска се одржа во седиштето на партијата во Скопје, на која беа објавени нови аудио снимки од телефонски разговори. Емитувани беа повеќе телефонски разговори помеѓу Груевски и министерот за транспорт и врски Јанакиески, во кои, како што посочи Заев, тие со шифри зборуваат за плановите за присвојување на локации во општината Центар.

-Груевски наложил промена на ДУП во општина Центар. Тој ги иницираше и протестите пред општината, наводно за изградба на црква, но намерите биле сосема други. Кога веќе на сила ги собра членството и администрацијата, треба да одговори зошто зборува во шифри ако не се прислушува во државата. Чесен човек ќе признаеше дека тој и бтратучед му Мијалков прислушуваат. – рече Заев.

Зад плановите за присвојувањето на атрактивното земјиште во општината Центар стоеле офшор компании со седиште во Белизе, рече Заев. 

-Чесен човек ќе признаеше дека имал линкови со фирми од Белизе и Лугано, се возел со комбе низ населби за да гледа имоти, дели парцели, крева потпорни ѕидови на парцели за да не ги гледа никој.-додаде Заев.

Според него постои само еден излез од политичката криза.

-Груевски криеше имоти како што ги криеше четирите стана. Но се е јасно готово е. Само оставки и формирање техничка влада е излез од ситуацијата во која се наоѓа Македонија. – рече Заев.

Тој најави дека опозцијата и понатаму ќе продолжи со проектот „Вистината за Македонија“ и ќе објавува аудио снимки од прислушкувани телефонски разговори, како и дека никој од политичките субјекти кои вршеле криминал нема да биде поштеден.

OhridNews