По информацијата од министерот за здравство, Венко Филипче, дека претседателите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, се во домашна изолација и им се извршени тестирања за КОВИД-19, со изјави до јавноста се обратија Христијан Мицкоски и Зоран Заев.

  • Сакам да информирам дека до овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција. Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место. Продолжувам од мојот дом да ја следам актуелната состојба. Да им даваме поддршка на оние кои се во првата линија против пандемијата, напиша на својот фејсбук профил, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Со своја порака до јавноста и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

 

  • Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори, напиша Заев.