Лидерите на двете најголеми политички партии од власта и опозицијата, денеска побараа да се свика итна лидерска средба кај претседателот на државата на која ќе се разговара за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Во вакви услови, повеќе од јасно е дека условите не дозволуваат нормално спроведување на изборите. Наместо во организација на изборите, сега е време секој еден ресурс и човечки и институционален и политички да се стави во функција на заштита на граѓаните и борба со вирусот. Затоа, денеска јас во име на СДСМ чиј претседател сум, повикувам да се организира лидерска средба на претседателите на политичките партии на која ќе се разговара за одложување на изборите. – изјави денеска на прес конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Сега не е време за политички противници, додаде Заев. Сега имаме само еден противник – вирусот корона, истакна тој.

Сега не е време за политички и лични рејтинизи. Денес, само еден рејтинг е важен. Процентот на заболени да биде што помал, а процентот на излекувани да биде целосен. Тоа е важно денеска и во периодот што следува. Време е. Време е граѓаните да видат обединети и сложни политичари во одбрана на она што ни е најважно – здравјето наше и здравјето на сите околу нас. – подвлече Заев.

На одложување на изборите повика и претседателот на ВМРО ДПМНЕ. Сите препораки на релевантните домашни и светски организации се дека најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности. Токму кога се предвидувањата за пикот на здравствената криза, во Македонија ќе треба да се одржат избори. Со вакви анализи и предвидувања изборите би значеле отворање на нови жаришта со Корона вирус, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Замислете ден на избори кога во една просторија каде има гласање илјадници избирачи ќе гласаат, ќе заокружат со пенкало, ќе имаат личен контакт со членовите на избирачкиот одбор.Во овие кризни моменти ова е ситуација кога човек одбира помеѓу личниот и интересот на државата и ова го велам од причина што сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со убедлива разлика, но воедно одржувањето на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани, поточно над еден милион луѓе под директен ризик за нивното здравје и ширење на корона вирусот. – рече Мицкоски.

Според Мицкоски, нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи, како што рече, „борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо“.

Претседателот Стево Пендаровски, во чиј кабинет попладнево заседава Националниот совет за безбедност, најави средба со лидерите на релевантните политички партии, која ќе се одржи утре.

OhridNews