Премиерот Зоран Заев, заедно со директорот на ЦУК беа во Берово. Заев вели дека очекува пожарот кај Будинарци денес или најдоцна до утре да биде изгаснат.
Сепак тлеат, боровите шуми се опасни, смолата си го прави своето. Важно е да знаат граѓаните дека ги регулиравме сите оние детали околу обезбедување и рационално распоредување на силите, мораме и овие пожарникарите наши, војската, полицијата, шумските професионалци кои работат да направиме рационален распоред, заради тоа што летото е секако пред нас, рече Заев
Додаде дека се регулирани сите одлуки околу прелетите на странските воздухоплови.
Донесени се одлуки за користење на нашето небо, нормално за да не се плаќа, регулирани се постапките, за како да се плаќа таксата околу ТАВ аеродромот, донесена е одлука за соодветните резерви да се обезбедат околу керозинот и во гориво во нафта и другите ресурси, дополнително по проценка и на Штабот на Центарот за управување со кризи за одредени алатки кои што мораат навремено да бидат обезбедени, а се потрошени овие денови и слични други одлуки кои што се важни, додаде премиерот.
Порача сите да бидат целосно фокусирани на она што се случува и нагласи дека дефинитивно Берово останува место каде е најголемиот пожар во државата, што според него не значи дека до крајот на денот може да настане и друг поголем пожар.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов додаде дека Главниот штаб на Центарот за управување со кризи има извонредна комуникација со Владата.
По наше барање Владата одржа итна седница, работите кои што ги кажа премиерот беа веднаш обезбедени, потребните одлуки беа донесени. Јас како раководител на тој главен штаб и на целата оваа кризна состојба сум во постојана комуникација со премиерот и на мене ми е сеедно дали премиерот е овде во Скопје или на било кое друго место. Од првиот пожар досега сме во постојана комуникација и секогаш кога имало потреба премиерот да се ангажира во одредена работа сум можел да го добијам во истиот момент, рече Ангелов
Ангелов брифираше и за моменталната ситуација со пожарите во државата.
Моментално имаме пожари во Прилеп кај село Дрен и село Смолани кој што е ставен под контрола и моментално се догасува и верувам денес ќе биде локализиран. Покрај него имаме пожар во Велес кај село Џимирци, но тој се префрла кај Скопскиот регион во селото Круш и селото Дивје и овој е малку покомплициран, бидејки се работи за непристапен терен. Во Скопје гори кај Сарај, таму е реактивиран пожарот кај Раовиќ и село Буковиќ и верувам дека денес ќе биде ставен под контрола и повторно имаме пожар во Старо Нагоричане и тоа кај селото Љубино и Дренак, кој што повторно се активирани рече директорот на ЦУК.
Состојбата како што додаде е целосно под контрола освен во Беровско за кој нагласи дека е важно да се каже дека на ниту едно место, нити еден човек не е загрозен поради што апелираше пред се да се внимава на човечките животи бидејки пожарите ќе се изгаснат.
ОhridNews