Македонија е исправена пред крстосница на минатото, на сегашноста и на иднината, и затоа денеска таа мора да се соочи со една голема вистина и со една исклучително важна работа, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев  на граѓанскиот собир вчера во Гостивар.

„Таа работа се вика Вистината за Македонија, E Vërteta për Maqedoninë, Makedonya’nın gerçeği, Истина о Македонији, без разлика како звучи на различни јазици, таа е единствена и неприкосновена. За разлика од вистината, лагата денеска во Македонија има едно име изговорено на сите јазици, се вика Никола Груевски. Како и да го кажувате на кој било јазик, Никола Груевски е лагата во Македонија“, изјави Заев.

„Ако ви е расипан автомобилот, ќе повикате автомеханичар, ако ви е расипан дома електро апарат, шпорет, електроинсталација, ќе викнете електричар, ако ви е расипан водоводниот систем, ќе викнете водоинсталатер, но ако власта во државата ви е расипана нема нешто што може да ја поправи, нема чаре од поправка, единствено решение за спас на државата од расипана власт е таа да се најде на буништето на историјата. Ги гледаме овие 2 ипол месеци, како власта се мачи, се обидува со глупави тези да се спротивстави на Вистината за Македонија. Измислува тактички опреми, не знам какви жолти комбиња, странски служби, па вели разговорите се лепени, прелепувани, креирани, монтирани. Денеска, една од најглупавите тези што ги шират – велат, разговорите се само разговори, а ништо нема во пракса реализирано од тоа што тие го зборувале“, порача лидерот на опозициската СДСМ.

„Пред вистината и боговите молчат, а ќе замолчат и тие кои до вчера се сметаа за богови. Виде Груевски што значи вистината и денеска во полупразна сала во Охрид мораше да зборува. Е тој срам го доживеа Груевски?! Е, Груевски, зарем не ги гледаш реките од народ на мултиетничките протести на средношколците и студентите: Зарем не ги гледаш реките од народ на хонорарците?! Зарем не ги гледаш како центарци го гушкаат ГТЦ за да го заштитат од тебе Груевски?! Зарем не ти е јасно Груевски дека ќе ја гушнеме заедно ние цела Македонија за да ја заштитиме од тебе и од тие до тебе?! Рамо до рамо, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Роми, и Бошњаци, и Власи, сите заедно ќе ја гушнеме Македонија за да ја спастриме на сигурно! Далеку од твоите валкани и нечесни раце. И немој да те лаже умот да го гибаш заедништвото во Македонија, оти заедништво ќе ти се случи! Народот е единствен, како никогаш порано, сплотен во борба за слобода, демократија и правда во нашата Македонија!“, изјави Заев за време на неговото обраќање во Гостивар.

Инаку вчера во Гостивар опозцијата ја објави 26-та таканаречена 2бомба3, во која можеа да се слуѓнат разговори за наводни злоупотреби на државните компании во Гостивар за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ, партиски вработувања и пазарот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пред локалните избори.

Претседателот на Општинската организација на СДСМ од Гостивар, Благојче Трпески, на прес-конференцијата објави нелегално снимени телефонски разговори меѓу државни и локални функционери, кои, според него, докажуваат криминал и злоупотреби на власта.

OhridNews
извор:„Макфакс“/ РСЕ