Дали Никола Груевски доброволно ја напуштил Македонија или бил киднапиран?! Очекувам и Груевски и Унгарија да дадат одговори на овие прашања. Редно е како држава јавно да ги поставиме овие прашања, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата.
„Јасно е дека избегал со дипломатско возило од Унгарија. Сите докази ќе бидат споделени со јавноста, ќе ги предадеме во Унгарија, но и на Европската Унија“, рече Заев. Сомнежите дека е киднапиран Заев ги образложи со тоа што Груевски побегнал со дипломатско возило на странска амбасада.
„Секоја амбасада е екстериторијална, таму нашиот систем и полицијата не може да дејствуваат. Од тој аспект прашувам дали доброволно заминал или бил киднапиран. Одговорот на прашањето ќе разјасни многу работи“, вели Заев.
Во врска со бегството на Груевски и информациите што се појавија во јавноста тој потврди дека е точно оти преку Албанија и Црна Гора избегал во Будимпешта, каде што побарал азил. Но, Заев е дециден дека Груевски лаже дека имал закани за животот и немало индиции дека ќе бега. Според Заев, со бегството експремиерот Никола Груевски ја потврдил вината и рече дека очекува Унгарија позитивно да одговори на македонското барање и да го екстрадира во земјата.
Од друга страна, унгарската Влада соопшти дека во бегството на експремиерот Никола Груевски од Македонија не помагале ниту унгарската држава ниту унгарските власти, но не соопштува детали се додека не заврши постапката за азил. „Спротивно на претпоставките објавени во печатот, ниту унгарската држава, ниту унгарските власти не помогнаа Никола Груевски да ја напушти Македонија. Во согласност со унгарските законски прописи и меѓународната пракса, се додека постапката не заврши, унгарските власти не се во можност да обезбедат дополнителни информации во врска со постапката за азил. Сепак, потенцираме дека Никола Груевски е во Унгарија законски во согласност со законските одредби во врска со процедурите за азил“, соопшти Кабинетот на унгарскиот премиер.
Од таму уште еднаш нагласија дека експремиерот Груевски го најавил барањето за азил во една од странските претставништва на Унгарија. Од безбедносни причини, поради тоа што Груевски десет години бил премиер, унгарските власти овозможиле поднесувањето на барањето и сослушувањето да бидат во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта место во прифатен центар. Канцеларијата за имиграција и азил, укажуваат од унгарската Влада, го води процесот на азил во согласност со унгарскиот закон и во согласност со меѓународното право.
OhridNews
Макфакс